Младите ја почитуваат нашата традиција, пренесувана од генерација на генерација

Секој народ, секое општество си има свои обележја, карактеристики и специфични елементи, како дел од сопствената култура, по кои тој се препознава и разликува од останатите народи и општества. Македонското општество и нашиот народ со право може да се гордее со една богата култура, која е создавана со векови и постојано се надградува и се пренесува од генерација на генерација. 

Традицијата е оној елемент кој грижливо се негува, одржува и опстојува во сите времиња. Најчесто повозрасните се држат до традицијата и ја пренесуваат од колено на колено. Традицијата во нашето општество, пред се, се согледува преку обичајните, моралните и религиозните норми. Но, она што во последно време фасцинира е огромно почитување на традицијата од страна на младите. Доказ за големото негување на традицијата од страна на младите луѓе е се поприсутните активности кои младите ги практицираат, а се дел од нашата традиција.

Времето во кое живееме се карактеризира со динамичност, трка по работа и немаме доволно време да си посветиме себеси и на најблиските. Токму овие празници, како дел од нашата традиција, ни даваат можност да се собереме сите на едно место и да подзаборавиме на секојдневните грижи и обврски и да бидеме исполнети со среќа и задоволство. Дружењето со соседите, пријателите, блискоста меѓу младите дава посебно чувство на среќа и исполнетост.

Мошне интересен е и податокот што се поголем број млади луѓе, во своите домови купуваат производи направени од дрво, старински предмети, кои заземаат посебен дел во нивното домашно катче. Сите овие работи ја потврдуваат тезата дека ние си ја чуваме и негуваме нашата традиција, а тоа е добро, посебно желбата на младите да го преземаат и пренесуваат тоа, бидејќи така опстанува еден народ и тоа ни покажува од каде сме и кои сме.