Младите бараат бесплатни кондоми

Во Македонија се поголем е бројот на сексуално преносливи инфекции и расте бројот на несакани тинејџерски бремености, заради што државата мора да го олесни пристапот до контрацептивни средства и едукација на младите.

Тоа беше посочено на денешната трибина „Младите бараат она што им следува - пристап до услуги за сексуално и репродуктивно здравје“, во организација на ХЕРА Млади по повод 26 септември Меѓународниот ден на контрацепција.

- Не постои орална контрацепција на позитивна листа и нема пристап до бесплатни кондоми за младите луѓе во услови на огромна младинска невработеност, каде е многу тешко за еден млад човек да си дозволи контрацептвини средства и да води еден здрав сексуален живот. Сметаме дека е време да си ги побараме своите сексуални и репродуктивни права. Тоа ги вклучува достапноста до контрацептивни средства и едукација за нашето сеопфатно сексуално здравје и права, како и каде да се обратиме и од кого да ги бараме овие информации - изјави Љупка Трајановска од ХЕРА Млади.

Заменикот министер за здравство Гоце Чакаровски, рече дека сите овие работи во светот се разговараат од 5-6 годишна возраст, а кај нас веќе стана табу да се разговара за тоа.

- Ние како Влада и министерство во нашата програма имаме планирано плус едно контрацептивно средство на позитивна листа. Би сакал во иднина да разговараме и размислуваме во средните училишта да поставиме кондомати - изјави Чакароски.

Посочи дека суштинско,сепак, е тоа младите да се ослободат од табуата и станат отворени и одговорни за своето здравје.

Извршниот директор на ХЕРА Бојан Јовановски, рече дека бројките практично се неменливи во изминатите 10 години и во Македонија околу 60 проценти од населението не користи никакво вид на контрацепција, а од тие што користат само 13 отсто употребуваат модерна контрацепција.

- Најшироко употребувана метода со околу 25 проценти е традиционалната метода на повлекување од ејакулација. Оралната контрацепција меѓу младата популација се движи околу 1,5 проценти. Кондомите со шест отсто се најчесто употребувани контрацептивни средства меѓу младите - изјави Јовановски.

Посочи дека според истражувањата Македонија годишно треба да издвојува околу 73.000 долари на годишно ниво за обезбедување контрацептивни средства за младите од 15 до 24 годишна возраст.