МКФ втора година по ред организира камп за млади кошаркари кој се одржува во Маврово

Македонската кошаркарска федерација (МКФ) втора година по ред организира камп за млади кошаркари кој се одржува во Маврово.

На овој камп, селектирани се 60 млади кошаркари кои се дел од репрезентациите до 14, односно до 15 години и кои во текот на годината се дел од проектот на ФИБА насловен како „Заедно до М16“.

И оваа година, координатор на кампот ќе биде американскиот тренер Крис Дајл кој е придужуван од свои соработници, Дастин Карер и Анастазија Гилман.

– Целта на кампот е низ повеќегодишна соработка со ФИБА и неколку земји од регионот, да ги насочиме младите талентирани кошаркари во вистински правец, односно начини на кои треба да се развиваат во иднина. Од сето спроведено првите резултати треба да ги очекуваме следната година кога генерацијата на играчи родени 2002 година, ќе настапат на Европскиот шампионат за кошаркари до 16 години. Истото ќе го очекуваме и на тоа ќе работиме и со селекцијата на играчи родени 2003-та, а се надеваме дека континуитетот ќе го продолжиме и со наредните помали генерации, изјави Петар Наумоски претседателот на МКФ.

Воедно тој го нагласи и значењето на оваа програма и преку доедукацијата на младите тренери кои се дел од кампот. Дел од нив веќе беа, а други пак ќе одат на дополнителни едукативни семинари.