Во Општина Ѓорче Петров денеска се одржа вонреден состанок каде на дневен ред се најдоа актуелните пожари во општинскиот атар каде што изминативе денови неколкупати избувнуваат пожари.

„Поради високите температури се зголемува и опасноста од шумски пожари на отворен простор, а ваквата состојба наложува поголема будност и мобилност на сите граѓани и субјекти во заштита од пожари. Апелирам до граѓаните  да се вклучат во гаснење на пожарите, а претседателите на МЗ и УЗ да ја подобрат организациската поставеност на својата територија, а тоа значи граѓаните активно да учествуваат во гаснењето на пожарите, во рамките на своите можности, истакна градоначалникот Сокол Митровски.

Советникот за безбедност, Станоја Богев, истакна дека потребни се поголема мобилизираност и соработка меѓу граѓаните во случај на избивање нови пожари на територијата на општината, како и  да се зголеми контролата на шумската полиција на терен.

Пожарите кои настанаа на повеќе локации во руралниот дел од општината, с. Чашка, Грачани, Орман, Никиштани и депонијата кај реката Лепенец, нанесоа големи штети.

Последниот пожар што избувна во с. Орман е веќе локализиран, но нов се појави на потегот околу караулата Чашка.

Во гаснење на жариштата  учествуваат припадниците на Бригадата за противпожарна заштита, месното население, како и вработени во комуналните служби при Општина Ѓорче Петров. Ситуацијата и понатаму е сериозна на терен и затоа треба да се внимава каде се оставаат отпадоци, посебно празни стаклени шишиња и да не се фрлаат догорчиња каде што ќе се стигне.