Луѓето можеш да ги познаваш онолку колку тие ќе ти дозволат и онолку колку тие ќе изберат да бидат искрени пред тебе, затоа што никогаш не знаеш кое лице некој одбрал да го користи со тебе и кога ќе го замени со друго лице.

Никогаш не знаеш колку навистина луѓето ги мислат зборовите кои ги кажуваат или тоа е можеби само некоја напамет научена песна која се повторува до бесконечност.

Немој никогаш да кажеш дека некого познаваш, затоа што само времето ги симнува маските. Само времето ги симнува маските кои долго стоеле, затоа што луѓето после некое време се уморуваат, не можат, а да не се запрашаат што зборувале пред една година или еден месец, затоа што тешко е да се запаметат лагите и секогаш да се биде уверлив. Само кризите ги отвораат вратите од нашето срце и почнуваме да го откриваме она најдлабокото во нас, она што секогаш сме се плашеле да го откриеме и да го покажеме на светот.

Мислиш дека познаваш некого, а тогаш сфаќаш дека тоа не е вистина. Не си ни можел да го знаеш затоа што за луѓето е ризик да бидат она што се. Одат наоколу паразити кои бараат искрени, добронамерни и едноставни луѓе и се хранат од нивната позитивност и добрина. Тешко е кога под кожа ќе ти се бутне манипулатор и кога ќе засакаш маска, а не личност и кога еден ден ќе сфатиш дека не си ја познавал личноста на која си и подарил голем дел од својот живот.

Не брзај за да почнеш да веруваш на луѓето и да се врзуваш за нив, затоа што животот има чудни начини одвреме-навреме да ни даде некое предупредување. Кога мислиш дека добро познаваш некого, добро размисли дали сте ги поминале сите оние заеднички ситуации кои го откриваат карактерот и во кои човек не може да глуми. Ако личноста го поминала тој тест и тоа искушение и во тешките моменти покажала приврзаност и грижа со своето однесување, ако ти дала до знаење дека и значиш, тогаш можеш да кажеш дека некого познаваш.