Мисајловски: Во Ѓорче Петров во иднина ќе изградиме две нови градинки и целосно ќе ги спонзорираме спортските клубови и нивните навивачки групи

Во Ѓорче Петров го има истиот проблем со градинките и од тоа не може да се бега, јас затоа предвидов изградба на две градинки во Ѓорче Петров, едната ќе биде во Волково за две дечиња, а другата во Ново Село за 80 дечиња, а приоритет секако ќе биде Волково бидејќи таму ни фали градинка и тоа во скоро ќе биде направена, но паралелно ќе биде направена и втора градинка во Ѓорче Петров, вели Владо Мисајловски кандидат за градоначалник на Ѓорче Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

-Но ќе продолжам и со реконструкција, надградба и доградба на капацитетите на постојните градинки, за да ги задоволиме потребите на сите дечиња во Ѓорче Петров. Моите дечиња одат во градинка и знам како е и ќе направам ниту едно детенце да не чека повеќе за простор во градинките и тоа ќе го видат граѓаните во Ѓорче Петров.

Тој додава дека во неговата програма има доста проекти за младите и за сите останати жители во општината.

-Целосно ќе ги спонзорираме сите спортски клубови во Ѓорче Петров, Ѓорче Петров е позната по Македонија Ѓорче Петров фудбалскиот клуб, но исто така и по фудбалскиот клуб во Волково , но Македонија Ѓорче Петров е синоним за Ѓорче и целосна поддршка ќе дадеме за тој клуб и за навивачката група и за сите симпатизери, но многу ми е важно да ги поддржиме сите млади талентирани спортисти. Јас имав можност да се видам со дел од нив и има многу талентирани деца во Ѓорче што имаат желба за спортување и истите ќе ги поддржиме заедно со Советот на општината и финансиски и технички, мене многу важно ќе ми биде овие деца да одат напред и дека тие утре ќе бидат симбол на Ѓорче Петров. Исто така ќе направиме и кошаркарски игралишта во секое маало каде што имаме маало и да ги реконструираме постоечките и ќе направиме се што е во наша можност да направиме нови терени. Дел од тие терени предвидуваме и во училиштето Димитрија Беровски каде ќе направиме едно катче со многу убави спортски содржини и убаво место за сите љубители на природата, а истото ќе го направиме и во училиштето Страшо Пинџур, а ќе ги разубавиме и сите градинки и училишта во Ѓорче за граѓаните да осетат дека е една преубава општина, потенцираше Мисајловски.