Мисајловски: Ќе засадиме 10 илјади нови садници, ќе направиме паркови и игралишта во секое маало

Денеска имавме една одлична можност и шанса да засадиме неколку дрвца во Ѓорче Петров и ова е еден убав гест од нас, а се надевам дека со сите граѓани во иднина ќе засадуваме многу дрвца во Ѓорче Петров бидејќи тоа ни треба, вели кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски.

-Во нашата програма имаме предвидено преку 10 илјади нови садници во Ѓорче Петров и имаме предвидено парк во секое маало, исто така разубавување на дворните места под зградите и осветлување и разубавување на паркинзите. Мора да направиме убави катчиња во секое маало, а предвидовме и игротека во секое маало, односно мало детско игралиште за најмладите дечиња, во иднина се предвидени многу проекти а ќе се осврнеме и во градба на инфраструктурата, потенцираше Мисајловски.

Тој додава дека екологијата и зеленилото ќе им биде еден од приоритетите во Ѓорче Петров.

-Во Ѓорче ќе се обидеме да нема никаде отпад и да ги замениме истите со зелени површини, да имаме што повеќе зеленило во школските дворови, како и спортски места за најмладите бидејќи Ѓорче тоа го заслужува, истакна Мисајловски.