Скопје во тоа време бил убав град со свој идентитет, со градби по мера на луѓето и сѐ функционирало одлично. Имало многу студенти и ученици, но и стручен кадар од цела Југославија. 

Имало околу 220.000 жители, кои живееле мирен, скромен, но среќен маалски живот. Но освен прекрасните објекти, како железничката станица, Собранието, Офицерскиот дом, банката… вистински украс на градот биле младите. Неизоставен дел од нивните животи било секако корзото, најмасовната и најевтината забава.

Главни збиралишта на младите

Младите добивале џепарлак од 20 динари: 10 динари чинела картата за кино, тулумба во слаткарница се купувала за 5 динари и другите 5 динари биле за семки. Најпосетувани и најнови кина биле „Култура“ и „Вардар“, а се одело и во „Балкан“, сегашен Дом на АРМ.

 

За популарните филмови картите ги купувале препродавачи, па морал да интервенира познатиот милиционер Ташко.

Ташко ги собирал тапкарошите, ќе ги однесел во милициска станица кај „Беко“, ќе им ги земел картите и ги враќал на каса. Пред да се влезе во киното од семкарот Шастри се купувало семки – се сеќаваат старите скопјани.

Омилени филмови на младите во тоа време им биле рускиот „Пастир Костја“, „Бел јоргован“ со Џенет Мекдоналд и Фред Астер, „Бал на вода“, германскиот филм „Фреди под туѓите ѕвезди“, „Винету“, „Продавачка на темјанушки“, „Мајко слушај ја мојата песна“, „Играње на дождот“, „Некои тоа го сакаат жешко“.

Секако, игранките биле најпосетувани.

Најубави и најдотерани девојки имало во Офицерскиот дом, се приредувале игранки и на Кале, во гимназијата „Јосип Броз“, во Техничкото училиште, а помладите оделе на дневните матинеа од 15 до 18 часот. Музичката младина на Македонија во Работнички дом имала секции каде што средношколците се запознавале со сериозна музика, а предавачи биле Александар Лековски и Фимчо Муратовски. Во тоа време најпопуларни биле групите „АБЦ“, „Бисери“, „Безимени“,а диџеј Мице пуштал музика во клубот „Технометал“.

Но исто толку популарни биле и: „Бич бојс“, Елвис Присли, Клиф Ричард, Џони Кеш, Џони Холидеј, „Шедоуси“, Литл Тони, Бренда Ли, но и Андријано Челентано, Рита Павоне, Пепино ди Капри.

Не се чекало многу да се слушнат светските хитови. Се купувале плочи од странство, а се слушале и на радио „Еуропа либера“ на кратка бранова должина.Од летните бавчи се одело во „Кермес“ семејно на ќебапчиња, задолжително на први во месецот и кога имало некој посебен повод. Таму уште од дете пеел Мухарем Сербезовски, а и во „Опатија“ имало добра музика.

Омилени места на скопјани лете им биле и скопските плажи и игралиштата

Вардар тогаш бил чист, имало песок. Се одело на цел ден со гитари, со лубеници и пиво. Се одело и во Сарај, во новиот базен, на кривината на Треска, на Водно, Матка, се палело и скара. Имало плажи кај Ибни Пајко, во Пајко Маало (сегашно МОБ), а Руската плажа била кај Кајак-клубот. Машките носеле тарзанки, а женските најчесто дводелни костими. Се фрлале со скокање, „како први, така други“. Се играло и карти, а помалите биле кибицери – ако некому му се припиело пиво, некој од постарите ќе удрел чврга морало да се трча да се купи.

Тоа време пред земјотресот било убаво да си млад човек во Скопје. Сите биле добро расположени, позитивни, искрени. Си помагале меѓусебно. Се одело на корзо, а во недела на матине во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во центарот на Скопје (денешен „Кузман“). Момчиња дотерани во костуми, девојчињата во здолништа како чадорчиња, со потсукњи. Се играло валцер, танго, фокстрот, твист.
Ако некој ги поканел да отидат во кафеана, девојките се навредувале.

Вечерите во Скопје биле исполнети со џагор. Се шегувало со симпатиите, се одело на помошното игралиште на Вардар, во парк, каде се играло на мали голчиња. Тоа било ноќна игра под рефлектори, се почнувало во 23 часот и траело додека не се убедат „скараните“ играчи дали бил гол или не, во што учествувала и публиката. Потоа сите заедно оделе на пиво.

Тогаш му се случи земјотресот на Скопје и веќе ни Скопје ни животот на скопјани не беа исти.