Мир и тишина за време на фудбал, нема гледање на турски серии - потребен ли е предбрачен договор во Македонија

Предбрачниот договор претставува договор склучен помеѓу две лица кои имаат намера да склучат брак.

Договорот претставува обид на идните брачни другари да ги дефинираат меѓу себе правата и обврските како и одговорностите кои ќе произлезат од бракот, и тоа во случај на смрт на едниот брачен другар, поништување, разделување или развод на бракот, пишува Правдико.

Ниту еден нотар во Македонија досега не склучил вистински предбрачен договор.

Ваквата можност некои ја толкуваат како недостиг на доверба, а други како практична мерка. Но,според зачестеноста на разводите, очигледно и кај нас ваквата мерка во иднина ќе стане секојдневие.

Предбрачниот договор на запад е практична мерка која ги спречува расправиите доколку дојде до развод, кај нас пак тоа е се уште табу тема. Најголема пречка е менталитетот, односно што ќе каже на тоа народот, пријателите, средината.

Има случаи на македонски бизнисмени кои пред да стапат во брак се договориле (и потпишале) за имотот по евентуалниот развод, но тоа не е оној договор што го прават, на пример, холивудските ѕвезди или богаташите. 

Еве еден интресен предлог на предбрачен договор: 

Со љубов, твојот иден маж:

-Името на синот му го давам јас. На ќерката можеш ти.

-Мир и тишина за време на фудбал е задолжително.

-Се забранува гледање на турски серии.

-Гаќите и чорапите ќе ги соберам утре, а трошките ќе бидат избришани покасно.

-Две ракии пред ручек и едно пиво после ручек се традиционален ритуал во моето семејство и како такви се неизоставни. Две пива пред спиење не е ритуал, но исто така се неизоставни.

-Ручек правиш ти. Гаќи переш ти. Ти пеглаш. Ти ја чистиш куќата. Јас цепам дрва, отварам тегли, убивам бубачки и претепувам потенцијални крадци. Можеме да се замениме ако мислиш дека ти можеш да совладаш пијаница што дошол да ни го украде бојлерот.

-Пушењето во домот е дозволено и пожелно во неограничени количини и во сите простории.

-Инцидент од типот твоите родители на гости, може да се случи само на роденден.

-Сексуалните односи не се практикуваат почесто од три пати неделно. Кога децата ќе тргнат во школо, само кога ќе донесат петка на писмена. Кога ќе тргнат на факултет, само на денот кога ќе дипломираат.