Министерството за труд и социјала не прецизира дали прифаќа продолжување на породилното отсуство. Министерката Мила Царовска вели дека пред донесување на одлуката за удвојување на породилното, потребно е да се утврди колку од жените во државата активно бараат работа.

-50% од жените во Македонија се водат како неактивно население и тоа зборува многу дека ние сме затаиле во еден период во кој што жената ја гледаме како еднаков учесник во развојот на државата. Тука треба да направиме баланс помеѓу тоа што ќе добиеме или што ќе изгубиме ако имаме 18 месеци породилно, вели Министерката за труд и социјала Мила Царовска.

Според Царовска, и со зголемувањето на капацитетите на градинките може да им се помогне на мајките во процесот на одгледување на децата.

-Сметам дека со една отворена дебата со конструктивност можеме да изнајдеме и уште подобри модели од само фиктивно покачување на 18 месеци. Во светот има навистина добро развиени модели кои што даваат ефект и во зголемување на наталитетот и во вклучување на жените на пазарот на труд, вели Царовска.

Барањето за продолжување на породилното сега треба да го разгледува собранието откако Граѓанската иницијатива „450 породилно“ ги собра потребните потписи за измена во законот за работни односи со која наместо 9, породилното да трае 18 месеци.