Министерството за образование и наука ги објави конкурсите за доделување стипендии за средношколци

Министерството за образование и наука ги објави конкурсите за доделување стипендии за ученици во јавните и приватните средни училишта во Република Македонија за учебната 2017/2018 година. 

Се работи за четири категории стипендии во различни износи кои ќе им се доделуваат девет месеци во текот на учебната година.

Сто и педесет стипендии во износ од 2.970 денари месечно МОН во 2017/2018 ќе им додели на талентирани ученици-спортисти. Педесет  стипендии во висина од  2.970 денари месечно се наменети за талентирани ученици.

МОН ќе додели и 400 стипендии за социјална поддршка на ученици од средните училишта во износ од 2.200 денари месечно, како и 50 стипендии за ученици со посебни потреби во износ од 2.750 денари месечно.

Во конкурсите, објавени на интернет-порталот http://konkursi.mon.gov.mk, се наведени потребните услови и е поставена електронска пријава која треба да се пополни. Конкурсот е отворен од денеска и ќе трае до 5 ноември 2017, освен за кандидатите кои аплицираат за стипендиите за ученици со посебни потреби.