Министерството за култура в понеделник ќе објави повик за „Нов културен бран“

Министерството за култура ќе ја реализира манифестацијата „Нов културен бран“ од крајот на август до крајот на октомври, односно се до исцрпување на средствата.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кој појасни дека се работи за манифестацијата „Топол културен бран“ која, како што рече, е редизајнирана.

– Идејата е да се поттикне значењето и улогата на граѓанскиот сектор преку дејствувањето на невладините организации, здруженијата, формалните и неформалните групи и асоцијации од областа на културата, авторите, за кои се смета дека можат да внесат посвежи идеи и поиновативни пристапи во креирањето на културата, рече Алаѓозовски.

Отстапувањето простор за нив, како што рече, ќе ја покаже желбата и отвореноста на новата културна политика на Министерството кон нови форми во создавањето и презентирањето на културниот и уметничкиот продукт.

Повикот ќе биде објавен в понеделник на веб-страницата на Министерството за култура и во дневните весници и ќе биде отворен се до исцрпувањето на средствата. Право на учество на повикот имаат здруженија на граѓани, асоцијации, чадор-организации, неформални групи и автори од областа на културата кои треба да имаат квалитетна, естетско-профилирана и вредносно издржана понуда.

– Ќе понудиме интердисциплинарни, мултимедијални и воопшто очекуваме дека ќе добиеме таков тип проекти кои ќе овозможат култура да искуси секој, рече Алаѓозовски.

За оваа манифестација Министерството за култура има обезбедено буџет од 10 милиони денари. Министерот ги повика сите фондации, фондови, стопански субјекти и компании да се вклучат во оваа програма и да учествуваат во формирањето на буџетот за манифестацијата.