Министерството за култура додели пари и за Скопскиот џез фестивал

По бурните реакции во јавноста, Министерството за култура ќе додели пари и за фестивалите кои претходно беа одбиени.

На Скопскиот Џез фестивал му се доделени 3 милиони денари од побараните 7.5 милиони денари. Еден милион денари ќе добие фестивалот Оффест, а детскиот фестивал Златно славејче 400 илјади денари, а биле  побарани 2 милиони.

Кумановскиот центар за култура „Трајко Прокопиев“ како организатор на меѓународниот фестивал „Денови на комедија“ доби 600.000 денари за одржување на годинешното 22 издание на фестивалот од Министерството за култура, сооштија денеска надлежните од установата. Од таму додаваат дека тие побарале  2,5 милиони денари за организација на фестивалот.

„По првично објавените резултати, откако беа увидени формални недостатоци во документацијата на дел од пријавите и во согласност со Законот за општа управна постапка (член 39 став 3) на апликантите им се даде можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за нив.

Исто така, беше извршен и детален преглед на бодовите за секоја ставка од конкурсите, а беа одржани и средби со дел од културните оператори.

Повторното разгледување на пријавите беше извршено согласно принципите на професионалност, разновидност и креативност, следејќи го гласот на културните работници и професионалци„ соопштија од Министерството за култура.

Првичната распределба на пари од буџетот наиде на критики во јавноста затоа што еминентни фестивали беа изоставени од програмата.  Во ревидираната програма нема корекции за парите кои беа поделени при првичната распределба.

Утре во Собранието, Комисијата за култура ќе одржи надзорна расправа за политиките и начинот на донесување на програмата.