Министерот Филипче и градоначалникот Темелковски ќе се соочат со граѓаните - најдено е решение на проблемот со Центарот за зависници

Решение на проблемот со Центарот за зависници е најдено, а на граѓаните заеднички ќе им го презентираат градоначалникот на општината, Филип Темелковски, и министерот за здравство, Венко Филипче. Од Кисела Вода најавуваат дека ќе организираат посебна средба и дека ќе го почитуваат дадениот рок од граѓаните до 1 декември да најдат решение за дислокација.

„На средбата инсистираат да присуствуваат и градоначалникот Темелковски и министерот Филипче. Ќе ја организираме во следните десет дена, немаме точен датум сè уште оти треба да ги усогласиме обврските на градоначалникот и на министерот, но ќе го почитуваме дадениот рок и одлуката ќе ја соопштиме пред истекот на рокот“, изјави Горан Петковски, шеф на кабинетот на градоначалникот Темелковски, за „Макфакс“.

Петковски не откри детали за најденото решение оти сакаат првин да ги соопштат непосредно на граѓаните. До решението дошле заеднички градоначалникот Темелковски, министерот Филипче, а го одобрил и премиерот Зоран Заев.

Од Кисела Вода велат дека не може да се очекува целосно затворање на Центарот за зависници од 1 декември, како што е барањето на граѓаните, но затоа се предвидени мерки што досега не биле преземени.

Жителите на Кисела Вода пред една недела првпат излегоа на собир против Центарот за зависници и на институциите им дадоа рок до 1 декември за негово дислоцирање. Рекоа дека не веруваат повеќе на ниту едно ветување од властите кои трета деценија ги лажат дека ќе го дислоцираат Центарот. Се пожалија дека децата им играат покрај расфрлани игли и шприцови, нема куќа околу Центарот во која немало кражба и најавија дека од 1 декември нема да дозволат зависниците да доаѓаат во Кисела Вода.