Минималната плата, сепак, не важи за сите во Македонија

Минималната плата од 12.000 денари која почна да се исплатува од овој месец, сепак не е задолжителна за сите вработени во државата.

Со измените на Законот за минимална плата со кои минималецот кој изнесуваше 10.080 денари, а за текстилците и кожарите 9.560 денари се зголеми на 12.000 денари за сите, нуди и опција газдите да ги платат помалку работниците кои нема да остварат стопроцентна норма.

– Ова е предвидено со измените на Законот, со кој е задржана можноста за нормиран учинок. И порано беше предвидена норма, но сега е точно прецизирано дека под сттотстотна норма смеат да бидат само 20 проценти од вработените во една фирма. Тоа значи помала од минималната плата можат да добијат најмногу 20 проценти од работниците. Ново е и тоа што со платната листа работнциите сега добиваат и податок за остварената норма, објаснува Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ), во изјава за Вечер.

Тој вели дека новата минимална плата се исплатува без поголеми проблеми. Најголем е товарот кај текстилните и кожарските фирми каде што работат 43.000 лица, каде најниската плата сега е зголемена за околу 2.500 денари. Особено е проблематична исплатата во помалите компании кои не работат прва рака туку доработуваат за поголемите. Според Димитров, тие немаат доволно средства за да им ги зголемат платите на вработените како што е предвидено.

– Со Министерството за труд и социјална полоитика треба да најдеме решение за овие фирми. Се бара можност да им се помогне преку активните мерки за вработување, објаснува тој.

Според претседателот на Синдикатот на металците, енергетичарите и рударите (СИЕР), Пеце Ристовски, и во овие сектори исплатата на новиот минималец тече без проблеми. Тој објаснува дека врабиотените кои членуваат во СИЕР имаат главно повисоки плати, а на минимална се само мал дел, како на пример хигиеничарките.

Инаку, ниту Владата, ниту работодавачите го оспоруваат зголемувањето на платите од овој месец, иако антикопрупционерите порачаа тоа да се стопира до завршување на изборите. Тие сметаат дека зголемувањето на минималецот не е вонредна исплата како што оцени антикорупциската комисија, туку право кое се остварува врз основа на Закон, кој пак е донесен пред изборите, па постапуваат според него.

Инаку, како што е познато, иако фирмите имаат право да користат државна субвенција за да ги зголемат платите на вработените до законски загарантираното ниво, сепак, овој месец исплатата ја вршат од сопствените сметки. Како што објаснува Димитров, по исплатата компаниите пополнуваат образец и го исплаќаат во Министерството за финансии. Тоа пак врз основа на образецот има обврска исплатата на субвенциите да ја изврши во рок од 30 дена, што значи дека дури од следниот месец минималната плата ќе биде поткрепена со државни пари. За оние кои ги исплатиле зголемените септемвриски плати, а не побарале субвенција, има можност дополнително да ја побараат со исправка во образецот.

Како што објави Управата за јавни приходи, од септември оваа година до февруари наредната за платите кои изнесувале 10.000 денари финансиската помош е 2.000 денари, за оние до 10.500 денари помошта е 1.500 денари, за платите до 11.000 денари се доплатуваат 1.000 денари, за тие до 11.500 денари доплатата е 500 денари. Од март наредната година државата ќе им дава на работодавците по половина од тие суми, а последна субвенционирана плата ќе биде таа за август 2018 година.