Миграциите село-град земаат замав: Скопје преполно со доселеници

Најновите податоци за внатрешните миграции покажуваат континуирано зголемување на миграцијата од село во град.

Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2016 година, вкупниот број лица што мигрирале од рурална во урбана средина се зголемил за 12,6 отсто во однос на претходната година. Бројот на мигрирани лица на возраст од 15 до 29 години е зголемен за 9,4 отсто, а на лицата што се на работоспособна возраст (30-64) е зголемен за 13,2 отсто. Трендот на зголемување на миграцијата од која било средина во урбана се зголемува и во минатата година, а особено во главниот град Скопје, каде што се доселиле речиси половината од мигрираните.

Инаку, според анкетите на ДЗС, дури 48,8 отсто од мигрираните изјавиле дека се преселиле заради склучување брак, 28 отсто од семејни причини, 7,9 отсто заради вработување, а само 0,8 отсто како причина за иселувањето го навеле образованието.    

Интензитетот на внатрешните миграции нормално влијае и врз густината на населението. На ниво на државата, густината изнесува 80,6 жители на квадратен километар.

- Меѓутоа, гледано по региони, дистрибуцијата на населението покажува изразита несразмерност, т.е. 30 отсто од вкупното население живеат во скопскиот регион, со густина на населеност од 344 жители на квадратен километар. По него следува полошкиот регион со 15,5 отсто од вкупното население, односно 133 жители на квадратен километар, додека вардарскиот регион, каде што се концентрирани 7,4 отсто од населението, има најмала густина на населеност, од 38 жители на квадратен километар - информира ДЗС. 

Ваквите несразмерни демографски промени носат опасност од целосно опустошување одредени делови од нашата земја, процес што е веќе започнат и кој најдобро може да се забележи доколку се прошета низ македонските села. Имено, ретки стануваат селата каде што може да се видат млади, а уште поретки селата каде што може да се чуе детски џагор. Всушност, од географската карта на Македонија во иднина би можеле да се избришат најмалку стотина села во кои веќе со децении не живее никој.