Мицкоски го повика Заев на ТВ-дуел: Се надевам ќе се охрабри и ќе ја прифати поканата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на ТВ-дуел. Тој вели дека добил покана од две телевизии да гостува на ТВ-дуел со Заев и дека се надева оти претседателот на СДСМ ќе биде храбар и ќе ја прифати поканата.

„Јас и двете понуди за ТВ-дуел со задоволство ги прифаќам затоа што не бегам од соочување и не бегам од вистината, а Заев е тој што е должен да одговори и да се соочи со фактите што се одраз на вистината. За мене, принципите и вредностите се тие што треба да го движат општеството, а нема вистина без принципи. А народот ја чека вистината на повеќе прашања“, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.

„Се надевам дека Заев ќе се охрабри, нема да се крие зад скапо платените спотови, за’рѓана пропагандна машинерија и лажните вести и ќе прифати ТВ-дуел. Па, народот нека процени затоа што тој никогаш не греши“, додава Мицкоски.