Ми се распаѓа душата...

Има ли утеха во помислата дека сѐ ќе помине?

Секогаш си поставувам многу прашања пред да почнам да пишувам, тоа веројатно значи дека имам многу недоумици. А можеби само значи дека главата ми е хаотична. Всушност, повеќе би рекла дека душата ми е во хаос. Каде е таа душа? Каде се наоѓа? 

Не е орган, не е нешто што можеш да го допреш, а сепак е толку жива. Најживото нешто што постои во организмот. Барем во мојот. Ја чувствувам затоа што ме боли. Ми се распаѓа душата. Не ја знам причината за тоа. Ја барам вината во сите. Виновни се моите родители, државата, општеството, системот, мојот сопруг. Сите околу мене може да бидат обвинети за мојата состојба, за распаѓањето. 

Не можам ни да пишувам. Некогаш пишувањето ми беше бегство, олеснување на душата, а сега ни тоа не ми помага. Тоа значи дека мојата душа толку многу пати, што не може да се опише ни со зборови. А што се зборовите?  Многу луѓе ги слушаат, но не ги разбираат. А тие кои ги разбираат, можеби не се грижат. Напишаните зборови ризикуваат никогаш да не бидат прочитани. А состојбата на душата не може да се мери со зборови. И не треба. Душата тежи кон нешто величествено. Нешто што не е секому достапно. И затоа душата треба да биде чиста. Душата е невина и неизвалкана. Како тогаш доаѓаме до таа состојба кога душата страда?

Ме боли што не ме разбираш. Ме боли што моите зборови не допираат до тебе. Ние живееме во рзлични димензии. Не знам како и не знам зошто сме се споиле, но знам дека нашите души страдаат. Твојата сака нешто едноставно и просто, мојата секогаш сака нешто повеќе, нешто комплицирано, нешто неискажано. Твојот живот е конкретен, твоите соништа материјални, а јас сонувам за магии, за пат до облаците. Јас од сѐ би можела да направам фантазија. 

Признавам дека многу се променив. Мојата душа пати затоа што не е задоволна од ова што го имам. Сама сум. Со тебе, но сама и многу осамена. Не сакам да кажам дека сме грешка и утка, но она што сме јас и ти во овој момент, она во кое се претворивме – повеќе не е добра комбинација. И ти и јас сега имаме свој свет и нашите светови целосно се разликуваат.

Не те обвинувам ниту тебе, ниту себе. Кога би можела да го вратам времето, повторно би одбрала оние заеднички луди ноќи. Повторно би го избрала оној ист прв бакнеж и повторно би ти рекла дека би сакала да одам со тебе до крај. Не би менувала ништо. Повторно би избрала да се будам со тебе. Но, тоа помина. Тоа засекогаш ќе биде врежано во нашите срца како прекрасен период од нашите животи. 

Но, ова што сега го имаме не е убаво. Само просечно. А јас не уживам во просечно. Затоа што лесно е да го допреш телото, но треба да ја допреш и душата.