,,Метла‘‘ за административците кои земаат плата, а не одат на работа

Буџетарите кои земаат плата, а не одат на работа ќе бидат фатени од постизборната „метла“, најави министерот Манчевски. Според него, за граѓаните многу поважно било какви услуги добиваат, а не бројот на државни институции и вработени. Комплетна реорганизација на системот во јавниот сектор може да се очекува до крајот на годината.

-Сето ова нема да го правиме сами, туку ќе пријдеме и до опозицијата и до сите политички партии зашто мора да имаме општ консензус. Ако тргнеме во процес кој што ќе значи намалување на јавниот сектор без притоа да имаме широка дебата и поддршка од сите, веднаш ќе биде протолкувано како политички реваншизам од страна на опозициските партии. Затоа во овој случај мора да се влезе внимателно, со сериозни анализи, со надворешна експертиза, што сега го правиме во моментов. И како што веќе кажав, на крајот на оваа година ќе има видливи резултати за граѓаните, рече Манчевски.

Манчевски не сакаше да каже дали е задоволен од својата работа досега, велејќи дека тоа е субјективно. Сепак, ќе ја почитува одлуката на премиерот Заев, доколку одлучи тој да ја напушти министерската фотелја како дел од реконструкцијата на Владата.

-Јас сметам дека секогаш сум можел повеќе, ама главен е судот на граѓаните. Апсолутно, кај него е одлуката. Што и да одлучи, апсолутно се согласувам со таа одлука, рече Манчевски.

За подобрување на услугите кон граѓаните во функција се става Националниот портал за услуги. Преку овој портал, институциите кои немаат ресурси ќе можат да нудат електронски услуги, без притоа да вложуваат во опрема или да вработуваат луѓе.