Место прво да се изгради подземната сообраќајница, кај Стара железничка се гради хотел (видео)

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел.

Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.

Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат останатите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.

Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.

Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.

„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.

Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.

„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го преземале и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.

Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.

„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.