Да не се менува персоналниот данок на доход и да не се прават промени кај данокот на капитална добивка, побараа од Асоцијацијацијата на менаџери на Македонија на денешната дебата дебата пред премиерот Зоран Заев и минситерот за финансии Драган Тевдовски.

- Најдобро е да нема измени. Аргументи за тоа се дека се наградуваат просечните, а бизнисот и успешните поединци се иселуваат надвор, посебно фриленсерите, парите се лоцираат во странство, се прави одлив на кадар и ќе се зголеми даночната евазија, истакнаа од Асоцијацијата на денешната трибина.

Маријана Андриќ посочи да не се менува стапката на персоналниот данок и порача да се оди во друг правец, а не да се смета прагот од 60.000 денари за луксуз над кој ќе се наплаќа повисоката стапка.

За Петар Андреевски од Асоцијацијата, во Македонија нема екстремно богати луѓе, но смета дека таква можност треба да се даде.

Премиерот Заев и министерот за финансии Тевдовски порачаа дека промени во оданочувањето во Македонија треба да има за да има праведно општество.

- Македонија има една од највисоките стапки на нееднаквост на доходот во Европа, рече Тевдовски. Нашите решенија за праведно оданочувњае се умерени. Зборуваме за воведување на даночни стапки што ќе зафаќаат два процента од граѓаните, за сите останати останува стапката на оданочување од 10 проценти, рече Тевдовски.

Според него, промените кај даноците треба да одат заедно со подобрување на ефикасноста на институциите.

Нема да брзаме во реформите, рече премиерот Заев, истакнувајќи дека фокусот е сега повеќе на тоа да се подобри наплатата и да се намали даночната евазија која кај ДДВ е 30 проценти.

Дебата ќе трае во текот на следната година, а кога ќе заврши и ќе почнат реформите ќе се знае кога ќе биде познат точниот број на луѓе кои ќе бидат опфатени и кои точно ќе бидат, рече Заев.

Целта, како што истакна, е со реформите да се направи поправично општеството. 

Тој посочи дека приходите од буџетот треба да достигнат до оние во Европа каде се 50 до 55 проценти, а кај нас се 29 проценти од БДП. Македонија, според него, мора да напредува со поголем раст.

- Со раст од 3,2 и 3,5 проценти тешко ќе стасаме. Треба да ги искористиме домашните потенцијали. Имаме можност за раст од пет проценти ако ги искористиме домашните капацитети, рече Заев.

Заев на дебата даде поддршка на барањето на Асоцијацијата да се даваат даночни стимулации на фирмите што ќе се трансформираат во акционерски друштва.