Меѓународниот турнир во мал фудбал во чест на Тоше Проески

Од 24 до 26 јануари, во спортската сала „Форца“ ќе се одржи 11. издание на Меѓународниот турнир во мал фудбал во чест на Тоше Проески. Главен покровител на настанот во спомен на нашата музичка легенда која е родена на 25.01.1978 година е Општина Карпош.

Оваа година учествуваат екипи од Општина Карпош, Општина Крушево, НЛБ Банка, „Лиличи Ароши“ (Велес), Нова Градишка (Хрватска), Корча (Албанија), „Мандра“ – Скопје и Општина Чаир.

Со учеството на тимови од различни држави се потврдува дека Тоше беше личност која обединуваше различни култури и држави.

Во посета на Карпош и Скопје ќе биде и градоначалникот на Нова Градишка, Винко Гргиќ, кој ќе се сретне со градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

Проески беше и жител на Злокуќани во Општина Карпош, а трагично загина во Нова Градишка. Со цел да не се заборави неговата мисија и вредност овие две општини негуваат континуирана соработка на полето на спортот и културата.