Меѓународна потерница за Филип Секуловски - убиецот на Мартин Јанушев

Неколку недели по убиството на фудбалерот Мартин Јанушев, полицијата го открие идентитетот на убиецот. Според извори од истрагата, станува збор за Филип Секуловски кој е во бегство и по него ќе биде распишана потерница. Станува збор за осуденик кој издржувал шестгодишна казна затвор за трговија со дрога. Во времето кога се случило убиството тој користел слободен викенд надвор од затворот.

„Поднесена е кривична пријава, а стапуваат и другите мерки кои треба да бидат преземени во смисла на меѓународна потерница и слично за обезбедување на лицето и целосно расчистување на случајот“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. „Имаме несоборливи докази дека лицето Ф.С. е сторител на убиството“, додаде Спасовски.

Јанушев беше застрелан пред неговиот дом во населбата Аеродром. Од МВР велат дека имаат индиции каде се наоѓа убиецот и работат на негово приведување. Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, не станува збор за нарачано убиство.

Спасовски неодамна на брифинг со новинарите информираше дека едно лице го извршило убиството на Јанушев и дека случајот нема политички или какви било други аспекти, туку дека се работи за лично недоразбирање. За убиството полицијата сослуша 35 лица. Тоа се луѓе што биле присутни во околината во моментот на убиството, луѓе што може да помогнат во обезбедување докази. Обезбедени се сите снимки од безбедносните камери и објектите во близина на местото на убиството, но и снимките од граничните премини. Полицијата го има и пиштолот со кој било пукано во Јанушев.

Мартин Јанушев беше застрелан на 3 ноември годинава со неколку куршуми пред влезот од неговата зграда на улицата Владимир Комаров во скопски Аеродром. Веднаш бил пренесен во болницата „Св. Наум Охридски“, но почина еден час по застрелувањето.

Од јули годинава досега се регистрирани 12 убиства.