Десет академски ликовни уметници од Македонија и странство ќе учествуваат на Меѓународната ликовна колонија „Скопје 2017“, која почнува денеска во Музејот на град Скопје.

Колонијата се организира по 12-ти пат во организација на Музејот на град Скопје, со финансиска поддршка од Град Скопје.

– Намерата на организаторот е на учесниците на колонијата да им се предочи богатата разноликост од архитектура, културна историја и традиција. Во близината се наоѓа и Старата Скопска Чаршија која е интересна по својата архитектура и старите занаети и претставува една од најголемите ориентални чаршии на Балканот, наведуваат од Музеј на Град Скопје.

Во работата на Ликовната колонија, која ќе трае до 31 август, учество ќе земат 10 академски ликовни уметници, припадници на различни генерации и творечки определби, кои живеат и создаваат во различни средини.

Од Македонија на десетдневната колонија ќе творат Мирослава Микица Трујкановиќ, Христина Зафировска, Марија Марковска, Бурим Укиќ и Часлав Марковиќ. Дел од колонијата ќе бидат и петмина автори од странство. Тоа се Лиза Волфел од Германија, Хилал Балчи од Турција, Камал Абухалавах од Јордан, Мирослав Живковиќ од Србија и Адел Мустафа од Египет.

Град Скопје во 2006 година ја основа Меѓународна ликовна колонија, во рамките на својата политика за проширување и подобрување на меѓународната културна соработка.