Меѓународен натпревар во уметничко лизгање „Skopje on Ice 2018“

Вториот национален и меѓународен натпревар во уметничко лизгање „Skopje on Ice 2018“ почнува вечер во Спортскиот центар „Борис Трајковски“. 

Своите вештини ќе ги демонстрираат 60 натпреварувачи на возраст од 5 до 25 години.

Настанот почнува во 19 часот со извлекување на стартните броеви на учесниците, по што ќе следува свеченото отворање на престижниот спортски натпревар. По отворањето ќе се одржи натпреварот во три интерпретативни категории на кој ќе учествуваат 14 натпреварувачки.

За утре од 8 до 14 часот на ВИП лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“ се закажани натпреварувачките категории. 

На натпреварот, покрај домашните натпреварувачи, ќе учествуваат и гости од Србија, Грција, Бугарија и Хрватска. Влезот за гледачите и двата дена ќе биде слободен. „Skopje on Ice“ се организира втора година по ред од страна на Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија и Спортскиот Центар „Борис Трајковски“.

Целта на натпреварот е да го промовира уметничкото лизгање во Македонија и нашите млади и успешни спортисти кои секојдневно вредно работат.