Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“ ќе се одржи од 19 до 26 јуни во општина Аеродром.

Градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски денеска изјави дека општината издвоила средства од својот Буџет за овој меѓународен фестивал, кој ќе се одржи по четврти пат, со цел да го збогати културниот живот во општината и да ги развесели и разведри на граѓаните. Посочи дека огромниот интерес на граѓаните за досегашните претстави бил сигурен знак дека фестивалот треба да продолжи, а тој прераснува и во традиција.

Директорката на Театар Комедија, Јелена Жугиќ истакна дека задоволството ќе биде огромно доколку изборот на претставите и овојпат го погоди вкусот на публиката. Посочи дека досега на 30-тината претстави што се одиграни на „Гола месечина“ имало над 40.000 публика.

Таа рече дека фестивалот има натпреварувачки карактер и тричлена жири-комисија ќе додели награди за најдобра машка и женска улога, за најдобра режија и најдобра претстава.

Инаку, седумте претстави од Македонија и странство ќе се играат од 19 до 26 јуни, со почеток од 21 часот, на отворена сцена поставена во спортскиот центар „Ново Лисиче“, а влезот за сите претстави ќе биде бесплатен.

Фестивалот се отвора со претставата „Лажговци во неволја“ на Сатиричниот театар од Софија, а завршува со претставата „Приказните на заборавените предци“. Во рамки на фестивалот на истата сцена ќе се организира и бесплатен зумба час на отворено.