Младинското културно уметничко друштво  „Цветан Димов“ од Скопје  годинава по 22 пат, од 23 до 27 ноември 2017 година, со играорци на детски ансамбли од Република  Македонија и од странство ќе го организира меѓународниот детски фестивал „Од цвет на цвет со оро и песна“.

Фестивалот има единствена цел да ги прикаже убавините на фолклорните традиции претставени од детски ансамбли од Република Македонија и детски ансамбли кои гостуваат од Европа.

На  одржаните фестивали досега учествувале над 3.000 играорци и се одржани околу 100 настапи пред публика.

Организаторот на меѓународниот детски фестивал „Од цвет на цвет со оро и песна“, кој првпат е организиран во 1995 година,  води посебна грижа за учесниците и кани детски ансамбли кои негуваат изворен фолклор и секогаш има свои учесници од селските средини на Р. Македонија кои нудат изобилство на обичаи, носии и автентични ора.

Фестивалот е препознатлив по големото фолклорно дефиле на сите учесници коешто се одржува низ улиците на општина Карпош. Во рамките на фестивалот  се одржуваат и два настапа во основни  општински училишта со цел учениците  да се запознаат со убавите  танци, прекрасните  колоритни носии  и со фолклорни традиции кои ги негуваат земјите од Европа .

Квалитетните настапи на ансамблите го прават фестивалот атрактивен и секогаш многу посетен од публика. Годинава организаторите очекуваат  ансамбли од Република Полска, Република  Турција, Република Бугарија и Република Србија. Фестивалот секоја година е поддржан од Општина Карпош,  од Град Скопје и од  Министерството за култура.