Медицински персонал ќе се грижи за оперираните пациенти и по напуштањето на болниците

По операција на колк, жолчка или бубрег, пациентите и по напуштање на болничката установа ќе бидат во постојан контакт со здравствениот персонал од установата.

Согласно акцискиот план за развој на вонболничка постоперативна грижа, ќе биде ангажирана медицинска сестра која ќе треба првата недела по отпуштање на оперираното лице секој ден да му се јавува телефонски.

Потоа ќе го бара еднаш неделно до контролата кај хирургот. Надлежните се одлучиле на оваа мерка, бидејќи, како што велат, пациентите имаат бројни дилеми и прашања кога се вратат дома – што по појава на црвенило или крварење од хируршката рана, на кои компликации да внимаваат, дали терапијата може да има некои несакани дејства и имаат ли потреба од дополнителна помош за секојдневните активности.

Исто така и пациентите ќе можат да им се јават на определените медицински сестри доколку имаат промена на нивната здравствена состојба.

-Од понеделник од министерството за здравство ќе почнат да ги известуваат сите болници и клиники дека треба да ангажираат медицинска сестра и нејзина замена кои ќе ги контактираат пациентите на постоперативно болничко лекување. Од јануари идната година оваа мерка ќе почне да се применува во сите јавни здравствнеи установи во државата.

Согласно акцискиот план на министерството за здравство, веќе од март 2018, државниот санитарен инспекторат ќе прави контроли во болниците и клиниките дали ја почитуваат мерката за вонболничка постоперативна грижа.