Матурантите пијани седнуваат во автомобилите и беснеат низ улиците, а родителите без грам совест продолжуваат да се забавуваат со пријателите во рестораните.

Матурските прослави започнаа, изминативе денови на големо се прославуваат матурите, забавите од година в година се се поголеми, кафеаните преполни, а алкохолот  неизбежен сегмент за добра забава на матурантите и гостите. Загрижувачки е фактот што еуфоријата за матурата стигнува дотаму што се повеќе млади, а дел од нив сеуште не се ни полнолетни под дејство на алкохол седнуваат зад воланот и беснеат по скопските улици. Дел од граѓаните и родителите се загрижени за случувањата во текот на матурските прослави, за количината испиен алкохол, за трендот матурантите и нивните другари кои и доколку имаат возачка дозвола, а немаат право после 23 часот да управуваат возило во пијана состојба, сепак ги управуваат возилата. Дел од родителите и професорите со кои разговаравме на оваа тема, вината ја бараат кај самите родители.

Во разговор Милица Г. чија ќерка годинава е матурант можеше да се забележи загриженост за случувањата овој период и еуфоријата која се случува кај младите.

-Ова што се случува со младите е за неверување, гледав како матурантите и нивните другари пристигнваат пред хотелот и навистина не можев да им поверувам на своите очи. Со сопругот и неколку другарки на ќерката отидовме да ја испратиме пред хотелот, но таму сликата е неверојатна. Пристигнуваат со возилата со голема брзина во толпата која е насобрана, пијани излегуваат од автомобилите, возачот излегува и верувајте едвај стои на своите нозе, а нема повеќе од 18 години, ни раскажа Милица Г. во разговор за Скопјеинфо.

Таа беше запрепастена како родителите дозволуваат нивните деца да влезат во возило кое го вози друго дете и е под дејство на алкохол.

-Ние родителите сме тие кои треба да влијаеме во однесувањето на нашите деца. Искрено, не можам да разберам како родителите дозволуваат децата да им влегуваат во автомобил со други деца кои се под дејство на алкохол, а не можам да ги разберам ниту родителите кои без ниту грам совест им ги даваат клучевите на своите сеуште незрели деца знаејќи дека пијат алкохол и така да седнуваат во автомобил, револтирано вели Милица.

Загриженост постои и кај професорите кои исто така се сведоци на недоличното однесување на своите ученици, но вината за нивното однесување ја препишуваат пред се кај родителите.

-Секоја година се повеќе ситуацијата излегува од контрола, се повеќе матуранти ни доаѓаат во алкохолизирана состојба, беснеат со волизата пред рестораните, а верувајте тоа воопшто не е пријатно. Повеќе од 25 години сум професорка, а ова никогаш не се случувало, последниве неколку години се повеќе докажување има помеѓу младите, а докажувањето е кој повеќе ќе биде пијан и кој побрзо ќе вози со автомобилот. Изминатиот период разговарав со моите ученици за однесувањето на матурската вечер, а од целиот клас само неколкумина имаа претерано со алкохол и верувајте тоа е реткост. Матурантите ги земаат клучевите од автомобилите, беснеет низ улиците, а родителите си продолжуваат со забавата во ресторан заедно со своите пријатели, е тука е виновникот во однесувањето на матурантите, кај нивните родителите, истакна професорката од средното училиште Васил Антевски Дрен, која не сакаше да го открие својот идентитет.

Десетици повредени лица за едно деноноќие

Дека состојбата е загрижувачка говорат и бројките на повредени лица во сообраќајни несреќи кои секојдневно ги објавува МВР во своите билтени, а едно деноноќие не поминува без десетици повредени лица. Републичкиот совет за безбедност во патниот сообраќај постојано упатува апел и совети за одговорно однесување на возачите, а особено кај младите во текот на матурските прослави.

-Алкохолот, вишокот андреналин и желбата за докажување кај младите, ги наведува матурантите на брзо и агресивно однесување во сообраќајот, што за жал лесто завршува со фатални последици. Токму затоа, постојано апелираме матурантите на дело да ја покажат својата зрелост, дека со матурата доаѓа одговорноста и совесноста, а својата зрелост да ја манифестираат и преку одговорно учество во сообраќајот, а тоа подразбира да не управуваат моторно возило во рекот на матурската прослава, велат од РСБСП.