Плоштадот „Македонија“ во петок  во 12 часот повторно ќе пулсира во ритамот на танцот квадрил кој што ќе го одиграат скопските матуранти, како дел од манифестацијата „Матурска парада 2016“.

Годинава, оваа традиционална манифестација посветена на матурантите ќе се одржи по десетти, јубилеен пат.

– Пред нас е десеттото издание на манифестацијата „Матурска парада“ во кое очекуваме да се вклучат повеќе од 1.000 матуранти од 20 средни училишта од Скопје, како и матуранти од Струга, Охрид, Струмица, Валандово, Гевгелија и од Неготино. Ми претставува особена чест што оваа веќе традиционална манифестација секоја наредна година привлекува се поголем број матуранти кои доброволно се пријавуваат за учество. Заедно со матурантите од Скопје и од другите градови од земјава, во петок во исто време квадрил ќе заиграат и матурантите од 15 европски држави и 120 градови.

Пред почетокот на матурската парада матурантите ќе дадат изјава за ненасилство со што оваа манифестација придонесува за зајакнување на толеранцијата меѓу младите и повисоки цивилизациски вредности. За искрената поддршка на „Матурска парада 2016“ и за одличната соработка сакам да се заблагодарам на Градот Скопје и на Делегацијата на Европската унија во нашата земја – рече Никола Глигоров, од Дирекцијата за култура и уметност, на денешната прес-конференција на која беа соопштени деталите за годинешната „Матурска парада“.

Даниела Захариева Адамова, раководител на Секторот за образование во Град Скопје, денеска нагласи дека Градот Скопје и годинава е покровител на манифестацијата „Матурска парада“.

– Матурската парада прерасна во своевиден бренд на Скопје, манифестација која стана битен дел од културно-забавниот живот на младите во нашиот град. Ова случување само ја најавува низата активности што Градот Скопје во наредните денови ќе ги посвети на матурантите, а станува збор за екскурзии, едукативни посети и манифестации. Тие активности ќе кулминираат со традиционалната „Средба меѓу првиот и најдобрите“ во која ги наградуваме најдобрите матуранти од сите средни училишта на Град Скопје – нагласи Адамова.