Матуранти внимавајте: Полицијата има право да ве казни и исклучи од сообраќај

Законот за безбедност во сообраќајот предвидува посебни услови за учество во сообраќајот за возачите – почетници. Непочитувањето на законските одредби може да доведе до парична казна, негативни поени или пак исклучување од сообраќајот.

Согласно законот, возач-почетник е секој возач на моторно возило во период од две години по добивање на возачката дозвола, независно дали дозволата ја добил во Република Македонија или во странство. Возач-почетник е и возач на моторно возило во периодот од две години по добивањето на возачката дозвола од одредена категорија, независно дали поседува возачка дозвола за друга категорија.

Веројатно, најинтересната одредба за сите возачи-почетници, е одредбата која го ограничува нивното управување со моторно возило во одредени итервали од денот. Имено, според член 240, став 2 од Законот, возач-почетник:

Не смее да управува со возилото во патниот сообраќај во периодот од 23 часот до 05 часот наутро, освен ако со него во возилото се наоѓа лице (возач) постаро од 25 години, на кое не му е изрекувана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило.“ се вели во законот.

Доколку возачот-почетник постапува спротивно на овие правила, тој ќе биде казнет со глоба од 200 евра во денарска противвредност и ќе му се регистирираат 40 негативни поени.  Но, истовремено полицијата има право возачот да го исклучи од сообраќај.

РСБСП апелира до возачите-почетници, да ги почитуваат горенаведените сообраќајни правила, како и сите други правила кои ги наложуваат законите и сообраќајната култура.