Старите скопјани во минатото кога имале слободно време, најмногу сакале да се одмараат на Матка и на кањонот на реката Треска.

До Матка можело да се дојде со воз. Но, поради скапите возни билети, патувањето со воз било ретко. Со намалувањето на цената на возните билети ќе се овозможело развивање на одредени излетнички места како на пр. во близината на железничката станица кај Генерал Јанковиќ каде што била пронајдена кисела вода позната под името “шарпланинска кисела вода”. 

Скопјани можеле да стигнат до Матка и на друг начин. Поимотните оделе со пајтони, за разлика од сиромашните кои се здружувале по неколку фамилии и  ангажирале шпедитерски коли.

За подобра организација на одморот на скопјани, во весникот “Скопски Гласник” се појавила иницијатива која требало да биде прифатена од  туристичкото друштво “Југ”, како и од други спортски и културно- просветни организации.

Со оваа иницијатива Матка и нејзината околина била преуредена. Во  1934 година на првата седница на Друштвото за уредување на Матка било разгледувано прашањето како најубавото излетничко место крај Скопје да се снабди со вода за пиење и да се одржуваат културните и природните врски.

Иако во сосема мал број, излетничките места во околината привлекувале внимание и кај странските туристи. За тоа зборуваат бројните реклами во јавните гласила кои ја презентирале убавината на овие места за одмор.

На осумнаесет километри југозападно од Скопје, во клисурата на реката Треска, се наоѓа манастирската црква Св. Андреја. 

Втор по значење објект бил  Манастирот Св. Богородица - Матка. Тој е бисер на средновековната архитектура и уметност. Манастирската црква се наоѓа на левиот брег од реката Треска во с. Матка, близу до селото Глумово. 

Просторот околу Матка со грандиозноста на вертикалните страни на клисурата на реката Треска, богатата флора и фауна, чистата и бистра вода и културните споменици ја прават Матка единствена и неповторлива по својата убавина.

Овој простор во кој има остатоци од неколку ранохристијански базилики, десетина средновековни цркви, манастири и тврдини (остатоци), бил центар со силно културно влијание низ вековите. 

Во 1933 година посебен интерес за Јужна Србија покажале Англо- Американците. Поради тоа биле испраќани покани за посета на  Скопје и запознавање со неговите убавини, особено  пештерите во Матка. 

На левата страна на реката Лепенец, во близина на  влевањето во р. Вардар, се наоѓа селото Бардовци, кое било распространето во низината на скопскиот воен логор Крал Петар. Тука се наоѓал беговскиот конак, изграден во ориентален стил. Камената ограда со голем број кули за одбрана, просторно поделеното дворно место, одделените станбени и стопански згради, извонредниот распоред на одаите, чешмите и хортикултурата, ги привлекувале посетителите. Над селото Бардовци се наоѓала црква што  се гледала од сите страни. Уреденото црковно место засадено со овошни дрвја и лозје, претставувало едно од најатрактивните излетнички места во околината на Скопје. Оттука се отворал прекрасен  видик.

Предградието на Скопје наречено Ханриево претставувало убаво место за излет. Скопјани тука доаѓале на празници, а најпривлечна била ханриевската плажа, веднаш до Железничкиот мост на р. Треска.

Ханриево не било привлечно место само поради неговата позната плажа или неговата извонредно пријатна околина, туку и поради тоа што ова место од сите страни било опкружено со брда, од каде се отворала   убава панорама на Скопје и на неговата околина. Во близина на Ханриево се наоѓал Античкиот театар.