MAСИТ го најавува својот настан “МАСИТ ИКТ ДЕНОВИ”

Глобалната динамика на ИКТ пазарот бара системски приод кон решавање на прашања поврзани со иновации, развој и глобална конкурентност. Токму во овој стратешки правец, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии го најавува одржувањето на МАСИТ ИКТ ДЕНОВИ  - дводневен настан во рамки на кои ќе се одржат два исклучително значајни настани за стратешко унапредување и подобрување на ИКТ секторот во Македонија.

За 26 септември закажан е форумот на тема: “Регулатива на работните односи и пазарот на труд во рамки на ИКТ секторот”  чија цел е да се обработат и дискутираат теми поврзани со регулативата на работните односи. На форумот ќе се опфатат теми за регулирање на работните односи, платите и надоместоците во овој сектор , ИКТ и пазарот на труд и ќе се даде приказ на успешни примери и искуства од регионот чии модели на работа можат да се применат кај нас. Форумот се организира од страна на МАСИТ во рамки на Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива во кој МАСИТ е партнер заедно со Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северо – Западна Македонија и Епи Центар Интернационал. Проектот цели кон изнаоѓање на решенија за подобрување на регулативите во функција на поефикасно работење на малите и средни претпријатија во РМ.

По завршувањето на форумот веќе на 27 септември следува вториот дел од МАСИТ ИКТ ДЕНОВИ, поточно конференција за иновативни ИКТ решенија и трендови. Конференцијата има за цел да опфати и дискутира теми и прашања од областа на иновациите поврзани со: ефикасната соработка помеѓу компаниите, науката и државата, претставување на иницијативи за поттикнување и поддршка на иновативноста на мали и средни претпријатија, ќе се дискутира и за иновациите во услужната дејност и туризмот, искуства од домашните ИКТ компании преку претставување на иновативни решенија, проекти, методологии и глобални трендови. Оваа конференција е организирана од МАСИТ како главен организатор во партнерство со Твининг проектот финансиран од ЕУ „Развивање соработка помеѓу високообразовните институции, приватниот сектор и релевантните органи“.

На настаните ќе учествуваат претставници на комората, ИКТ компаниите, претставници од државните институции, странски и домашни експерти.  Учеството на форумот и конференцијата е бесплатно со претходна задолжителна регистарација. Деталната агенда како и регистрациската форма може да се погледнат на следниот линк: http://www.seeita.org/ ,  како и на официјалниот Facebook настан.