Март со бројни настани во културните институции во Скопје

Националните институции од областа на културата во Скопје и овој месец нудат повеќе културни настани што ќе го привлечат вниманието на посетителите. Разновидна програма се нуди во музичко-сценските установи од областа на културата, во МОБ и Македонската филхармонија, во Кинотеката на Македонија, во музеите...

 На 15 март ќе се одржи концертот „Made in Macedonia“, каде под водство на Борјан Цанев, како солист ќе се претстави македонскиот кларинетист Здравко  Ангелов. На 22 март во Македонската филхармонија започнуваат и „Деновите на македонска музика“, кои и на ова издание ќе презентираат бројни концерти во изведба на реномирани уметници. Месецот ќе биде заокружен на 29 март со концертот „Бернштајн 100“, диригентот Тимоти Редман и солистот Николас Алтштед. На програмата ќе бидат актрактивни дела од Прокофјев и Бернштајн.у

Интензивна и разновидна програма во март следува и во Кинотеката на Македонија. Месецот започна со проекција на документарниот филм „Локални херои - светски таленти“ по сценарио на Зоран Димов и режија на Ајдин Ислами, како и со прикажувањето на филмовите „Три дена во септември“ на  Даријан Пејовски и руската потресна семејна драма „Без љубов“ на режисерот Андреј Звјагинцев.

Викендов играше косовско-македонската копродукција „Доме слатки доме“ на Фатон Бајрактари, а утре и задутре е  српскиот игран филм „Панама“, во режија на Павле Вучковиќ. В среда од 20 часот ќе биде прикажан македонскиот „Џган“ по сценарио и режија на Вардан Тозија. Од 8 до 16 март Кинотеката подготовува програма со филмови по повод 8 март: „Мрачно богатство“, „Викторија“, „Злосторството против нас“, „Непослушни“, „Банат (Патувањето)“, „Некои нови приказни“, „Во Сирија“, „Духовите на Исмаил“ и „Реквием за госпоѓа Ј“.

До крајот на месецот е предвидена и проекција на повеќе други филмски остварувања по избор на Гете институтот во Скопје и Францускиот кино-клуб. Продолжува и веќе воспоставената програмска активност „Уредник со причина“ кој ќе селектира неколку филмови.

Февруарски филмски уредник беше реномираниот музичар Влатко Стефановски, а во март честа му припадна на уште еден етаблиран македонски музички творец Васко Атанасоски, со чија помош на 23 и 24 март ќе  се прикаже избор на филмови, по што Атанасоски ќе одржи и два концерти.

Во Музејот на современата уметност во тек е 12-тото Биенале на млади уметници, кое ќе трае до 28 март. Насловот на овој значаен ликовен настан е „Ќе биде ли доцна, ако времето запре?“, а куратори се: Ивана Васева, Бојана Јанева-Шемова и Владимир Јанчевски. Во рамките на Биеналето ќе се реализираат: изложба и презентации на млади уметници од земјава, како и интернационална дискурзивна програма. 

Задутре предавање ќе одржи кураторката Сабина Саболовиќ (дел од хрватската група WHW) насловено: „My sweet little lamb (everything we see can also be otherwise)“, а на 13 март се отвора изложбата “Растечките куќи на Скопје“ на Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек. Во периодот од 15 до 20 март во МСУ ќе се одвива интересна програма каде се предвидени презентации на млади уметници, куратори од Грција, Босна, Србија и Хрватска.

Во Националната галерија на Македонија (објект Даут пашин амам) во тек е изложбата „Борко Лазески 1917-1993“, која за сите љубители на уметноста ќе биде отворена до 5 април. По повод 70 годишниот јубилеј од создавањето на НГМ, а во чест на 8 март - Меѓународниот ден на жената, на 7 март во Чифте амам ќе биде отворена изложбата „Чудесните жени од Колекцијата на Националната галерија на Македонија“. По повод светскиот ден на одбележување на борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност, ќе бидат претставени шеесеттина дела од жени авторки застапени во Колекцијата на НГМ.

За сите заинтересирани посетители, до крајот на март во Археолошкиот музеј на Македонија е отворена и изложбата „Централен Балкан помеѓу грчкиот и келтскиот свет Кале-Кршевица 2001 – 2011“ на Археолошкиот институт од Белград.