Малта е број еден дестинација на картата за вработување за младите - агенциите преплавени со примамливи огласи

Уште сега огласите за вработување за во странство се преплавени со префиксот ИТНО, односно дека итно им требаат работници за работа во секторот Туризам и хотелиерството главно во луксузни ресторани и хотели во Малта, Доха, Катар и популарната Јужноафриканска Република.

На огласите се назначува дека можат да аплицираат за работа и кандидати кои имаат македонски пасош.

Најголем број од странските работодавачи нудат како прво одлична работна средина, плата од 1.000 евра плус бакшиш, работна дозвола и загарантиран годишен платен одмор. За овие потреби на работодавачите се бара и одлично познавање на англиски јазик, најмалку 2 години работно искуство, како и способност за работа во динамично опкружување.

Што се однесува за вработувањата во Доха и Катар за келнери и келнерки се нуди плата од 550 до 700 долари и плус бакшиш, а за батлери и хостеси плата од 800 долари и секако дополнително бакшиш. За магационери платата се движи од 600 до 700 американски долари.

Во огласите често е наведено дека компанијата покрај тоа што на кандидатите им обезбедува плата, се грижи и за нивното сместување, транспортот и храната, како и за здравствено осигурување, виза, авионски билет и платен годишен одмор.

Покрај овие потреби за вработување во странство меѓу побараните професии се и возачи на шлепери, готвачи, туристички менаџери, магационери, масери, терапевти, ИТ-специјалисти, систем-оператори, администратори, лекари, медицински сестри...

За овие работни места најчесто се бараат квалификувани работници, со средна стручна спрема, но со искуство барем од една година.

Што се однесува за возраста се бараат работници од помладата популација, а најчесто од 21 до 36 година. За хостесите е препорачливо да се помлади, од 21 до 32 години.

Старосната граница е поместена само кога се објавуваат огласите што се наменети за стручните медицински лица.

Младите од Македонија најчесто ја избираат Малта, затоа што, како што велат, во Европа е, многу брзо можеш да си дојдеш дома ако имаш потреба за тоа, а и условите што се нудат за вработување се примамливи.

Најголемиот дел од нашите млади во Малта работат во хотелиерството, туризмот и угостителството.