Малолетниците се меѓу најчесто пријавуваните за исчезнати

Годишно полицијата во Македонија распишува околу 130 потерници за лица што биле пријавени за исчезнати.Овој просек важи и за минатата 2016-та, кога, според најновите статистики, биле распишани точно 124 централни објави. Во првите три месеци годинава, пак, имало 36 потерници на ниво на државата.

- Според искуството, како исчезнати лица се пријавуваат деца на возраст од 15 до 18 години, но и постари граѓани. кои се над 60-годишна возраст - велат од Министерството за внатрешни работи (МВР), во изјава за Нова Македонија

Како што покажуваат нивните статистики, од 124 лица за кои лани била распишана централна објава, сѐ уште не се пронајдени осум, а од 36-те годинава, досега не се пронајдени седуммина.

Дека тинејџерите најчесто се пријавуваат како исчезнати покажуваат и регистрираните случаи во последните десет дена, кога во полициските станици низ земјава биле пријавени вкупно осум исчезнувања, а во половина од нив станува збор за млади на возраст од 16 до 19 години. Помеѓу последните за кои викендов информираа надлежните беше пријавена 17-годишна девојка од Берово. Дека од дома се оддалечила во непознат правец во полицијата пријавиле нејзините родители. Во Велес пред една недела, исто така, татко го пријавил исчезнувањата на својата 16-годишна ќерка. Еден ден претходно имало пријави и во полициските станици во Чаир и во Кавадарци за 17-годишна девојка, односно за 19-годишно момче.

Покрај овие четири, во последните десет дена во еден случај сопруг пријавил дека во непознат правец се оддалечила неговата 64-годишна жена, а во другите биле пријавени исчезнувањата на 52-годишен маж и 42 односно 38-годишна жена.

Во споменатиот годишен просек од 130 потерници, станува збор за централни објави што се распишуваат на ниво на Македонија, а постојат и објави на регионално и меѓународно ниво. Како ќе се постапи во одреден случај, објаснуваат наши полициски извори, зависи од сознанијата. 
Така, на пример, ако информациите и процените водат кон тоа дека некое лице може да се пронајде во регионот каде што живее, тогаш нема да се распише централна објава. Доколку не се пронајде, тогаш се бара низ целата држава. Централната објава може да се распише и веднаш ако полицијата или најблиските лица на исчезнатиот имаат сознанија дека тој е грабнат, претходно примал некакви закани, му се случила некаква несреќа итн.

Годишниот просек од околу 130 централни објави, покрај минатогодишните, го потврдуваат и статистиките за периодот од 2010 до 2014 година. Така, во 2010-та биле распишани 127, една година подоцна 130, додека во 2012 полицијата регистрирала 153 случаи. Рекордна е 2013 година, кога во земјава биле распишани 160 централни објави за исчезнати лица, а наредната година овој број се намалил на 112.

Во објаснувањата зошто малолетниците се најмногубројни во листата на исчезнати лица, најчестите психолошки и социолошки објаснувања се потпираат на тоа што токму кај нив причината за бегството може да се согледа во адолесценцијата кога тинејџерите ги напуштаа своите домови за да ги казнат и да им пренесат некоја порака на родителите, да прекријат некое асоцијално однесување или поради авантуристичкиот дух типичен за нивната возраст. Тука е и одењето на гости кај другари или другарки без да бидат известени родителите. Апелите се да не се крева паника, бидејќи и искуството покажува дека во најголем број од случаите тие се пронаоѓаат за кратко време.

Кога станува збор, пак, за исчезнувањето на повозрасните граѓани (над 60 години), досегашното искуство покажало дека најголем проблем е тоа што често станува збор за болни лица што поради својата состојба забораваат и не знаат да се вратат дома.

Совети за тоа како без паника, а со разум да реагираат најблиските во вакви ситуации, дава и Американецот Томас Лот, кој е раководител на една адвокатско-детективска мрежа за исчезнати лица, а преку Интернет дава и бесплатни совети. Достапен е, како што наведува, за секого низ светот, па на неговиот сајт постои можност совет од него да побара и некој од Македонија.
- Во една ваква кризна ситуација е важно да се фокусирате на семеен собир. Наместо да работите на своја рака, сите заеднички треба да размислете за однесувањето на исчезнатото лице во последно време, за да ги насочите мислите во правилна насока - пишува Лот.

Она на што треба да се потсетат и да дискутираат најблиските е дали личноста имала некакви проблеми со финансиите или со алкохол и дрога, дали била запоставена од другите членови на семејството или била жртва на семејно насилство, покажала ли некакво асоцијално однесување или знаци на деликвенција итн. Кога е исчезнато некое девојче, особено е важно да размислите дали запознало некој на улица или на социјалните мрежи.

- Откако ќе ги разгледате овие прашања со најблиските и пријателите тоа што сте го заклучиле треба да го кажете и на надлежните органи, бидејќи можеби нешто од тоа ќе ја наметне потребата од спроведување на некој дополнителен чекор во истрагата - пишува во листата практични совети.

Покрај соработката со полицијата, Лот напоменува и дека семејството може да преземе неколку чекори, како на пример некој да се јави во болниците, хотелите и хостелите што се наоѓаат во близината, да свртат до превозните компании за да ги проверат автобуските линии или таксистите.

Ваквите чекори, советуваат на правната мрежа, се генерални и може да се преземат речиси во сите случаи на исчезнување, односно без разлика дали некој исчезнал бидејќи се изгубил, самоволно заминал од дома или поради некоја трета причина.