Малолетници нападнати со ножеви и шипки во Скопје

Во 19 часот во Полициската станица Центар, 73-годишниот М.Ж. од селото Сопиште, скопско, и 45-годишниот О.К.од Кичево пријавиле дека истиот ден околу 13 часот и 30 минути, петнаесетгодишниот внук на скопјанецот и петнаесетгодишниот син на кичевчанецот, во близина на „Академија Вардар“, физички биле нападнати од група од 20 до 30 лица, најверојатно навивачи на Фудбалскиот Клуб „Шкупи“.

Полицијата информира дека малолетниците излегле од спортската сала „Кале“ и се упатиле кон „Градски парк“. Во непосредна близина на „Академија Вардар“ забележале дека зад нив се движела групата.  При разминување едно лице од групата со тупаница го удрило внукот на М.Ж. во пределот на лицето, додека неколку други лица физички го нападнале синот на О.К., удирајќи го со нозе и раце во пределот на главата и телото.  Малолетниците забележале дека едно од лицата имало нож во рака, а повеќе други лица имале метални шипки на расклопување, кои не ги употребиле.

Синот на кичевчанецот со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во ГОБ „8-ми Септември“, каде му била укажана медицинска помош и му биле констатирани телесни повреди.

Претходно, непосредно по случувањето на настанот, од страна на полициски службеници, кои биле ангажирани да го обезбедуваат фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Вардар“ и ФК „Шкупи“, било  интервенирано и во полицијата Центар биле приведени шест лица од Скопје и едно лице од Велес. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.