Малку се заљубувам во тебе секојпат кога ќе ти заѕвони телефонот, а ти почнуваш да објаснуваш некои ситуации од работа кои јас воопшто не ги разбирам. Сериозен си, поинаков, туѓ. Првпат те гледам таков. Намуртени веѓи, блага насмевка и уште поблага загриженост. Те препознавам по начинот на кој го прекинуваш повикот и повторно се враќаш во нашиот свет.

Малку се заљубувам во тебе секојпат кога за момент ќе ги затвориш очите за да ја избркаш главоболката која кришум се провлекла од перницата и немирниот сон. Во тој момент те немам, бегаш од сѐ што сакаш, затоа што не сакаш тоа да биде допрено од таа болка. Мигрените се наши најголеми непријатели. Се бориме против нив со бакнежи, кафе, смотани масажи на твоите слепоочници и твојот врат. Не можеме секогаш да победиме, па понекогаш ги оставаме да „преноќат.“

Малку се заљубувам во тебе секојпат кога ќе ја спуштиш раката на мојот труден стомак и разговараш со бебето. Тој разговор не го разбира никој освен нас. Јас со својата кожа ги преведувам најкомплицираните зборови. За љубовта не ни е потребен превод.

Малку се заљубувам во тебе секојпат кога во нашето девојче ја препознавам твојата нетрпеливост и бунтовност. Се муртите на ист начин, прегрнувате на ист начин, заспивате на ист начин. Само ве сакам на поинаков начин, но на ист начин се грижам, дишам и се заљубувам во вашите очи.

Малку се заљубувам во тебе секојпат кога ќе заборавиш нешто, па се враќаш да го земеш и повторно ќе ме бакнеш. Во тој бакнеж се собрани сите бакнежи на овој свет. Се правиме дека не го знаеме тоа и молчиме до следниот огномет на нашите усни. Кога конечно ќе се случи тоа, забораваме на тоа чекање помеѓу два бакнежи.

Малку се заљубувам во тебе секојпат кога ќе ме покриеш со јорган и ќе ме прегрнеш. Твојата прегратка е најмеката лулка во универзумот. Универзумот е мирен и тивок секогаш кога ќе ни се допрат рацете.

Малку се заљубувам во тебе, затоа што не смеам баш секогаш да ти кажувам дека тоа малку воопшто не е малку. И дека постои љубов од која душата расте. Во висина, широчина и длабочина. Па така нема граници и страв дека ќе пукне – затоа што никогаш и никаде нема да престане тој раст.

Да, смешно е и бесмислено наивно е да се верува во таква љубовна бајка во овој свет без магија. Но, смешно е и бесмислено тажно е да одам покрај тебе и да не ја видам магијата во секој наш заеднички чекор.

Затоа, секојпат малку се заљубувам во тебе, чисто за да не им пречам на другите во нивното уверување дека љубовта не се исплати. Се преправам дека долговите ни се големи, дека постојано сме во некој минус и дека нѐ уништија каматните стапки. Но, во суштина, јас ти дадов сѐ без покритие, одеднаш, а не на рати. Само се трудам да изгледа дека се заљубувам на рати. Гледано од страна, пресметката и не ми е баш чиста. Одвнатре – нашата љубов се мие самата во себе и бистро гледа во светот.

Малку се заљубувам во тебе. Но, тоа малку е поголемо од сѐ што некогаш сум имала и ќе имам.

Ја прочитавте Аскиновата приказна. Легендата вели дека постојат приказни кои не даваат одговори на вашите прашања, но зборовите во нив можете да ги почувствувате во секоја пора од вашето битие. Во таквите приказни ја вежбате животната магија. Таква е и оваа приказна.