Малите индустрии не му штетат на воздухот

Малите индустрии (Б-инсталации), кои се во надлежност и контрола на Град Скопје, не биле атмосферски загадувачи, а казните за прекршоци што досега се изречени се однесувале за нарушување на јавната чистота под друг основ. Ова е одговорот до „Макфакс“ на прашањето што констатирал вонредниот инспекциски надзор, кој беше спроведен кон крајот на минатата година.

„Информацијата за казнувањето се однесуваше на правни и физички лица по основ на Законот за јавната чистота, а за отстапување и прекршување на елаборатот за здрава животна средина досега при сите извршени редовни и вонредни инспекциски контроли на Б-инсталациите нема констатирано незаконско работење и казнување. Грешката се провлече поради спомената цифра на вонредно извршени инспекциски надзори на фирми што имаат б лиценци и казните што им се изречени за прекршоци по друг основ за нарушување на јавната чистота, која исто така влијае на животната средина“, не информираат од Градот.

Од секторот надлежен за контрола во Градот, каде што секојдневните и, како што велат, деноноќни контроли, покажуваат дека малите индустрии работат совесно и не му причинуваат штета на воздухот надвор од дозволеното. Станува збор најчесто за градежни локации, фабрики за преработка на месо, бурекчилници, работилници за производство на мебел, текстил и слично.

Вонредниот инспекциски надзор што беше спроведен непосредно пред завршување на минатата година, а за кој Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), кој постапи по налог на интерсекторската работна група формирана за да се справи со загадувачите и да го истражи амбиенталниот воздух, покажа дека од А-индустриите загадувач е единстевно „Дрисла“, која беше и казнета.

Но, истиот инспекциски надзор спроведен врз индустриите од Б-инсталации што се во надлежност на Градот, според нив, покажува дека се почитуваат пропишаните дозволи. Друга приказна се индивидуалните пријави од граѓани за потенцијални загадувачи, оние што горат гуми за греење и друг штетен отпад, а за кои тие немаат надлежност да постапуваат без налог, освен ако се работи за дворно место или јавна површина.

Според Тиме Андоновски, раководител на овој инспекциски сектор во Градот, искуството покажува дека барем во изминатите две години малите индустрии ги почитуваат пропишаните мерки и се однесуваат во согласност со елаборатите и дозволата за работа.

„Проблемот со аерозагадувањето нè засега сите и ние постојано правиме сè што не во наша надлежност да ги контролирам потенцијалните извори на загадување. Се контролираат градежните објекти, тешките товарни возила, потоа малите месни, текстилни и прехранбени индустрии и не се констатирани отстапувања. Што се однесува до индивидуланите пријави од граѓани, ние можеме да постапуваме само на јавни површини или на приватно дворно место. Дали некој во сопствен дом или објект гори штетен отпад ние не може да увидиме или санкционираме без налог од суд“, ни рече Андоновски.

Меѓу последните мерки, кои на 28 декември беа преземени како итни за да се справиме со загадувањето, беше и бесплатниот јавен превоз. Оваа одлука ја соопшти градоначалникот Петре Шилегов бидејќи два дена едноподруго нивото на ПМ-честичките беше над дозволеното. Покрај бесплатниот превоз, беа стопирани сите градежни активности на градилиштата во надлежност на Град Скопје. Шилегов ги повика и сите скопски градоначалници да донесат одлука за стопирање на градењето, а вработените во Градот да доаѓаат на работа со автобус. Службените возила на Град Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот инспекторат. Градоначалникот Шилегов тогаш рече дека нивните инспектори досега казниле 25 компании, кои не ги почитувале одредбите на Законот за јавната чистота, а биле направени 1.234 контроли. Освен индустријата, како втор најголем виновник за отровниот воздух се посочени домаќинствата, а се очекува дека со гасификацијата барем овој виновник ќе биде елиминиран.

Последниот граѓански протест, за да се најде решение за загадениот воздух, се одржа во саботата, но посетеноста се сведе на 50 граѓани.