Макрадули: Заврши грејната сезона, нема повеќе загаден воздух

Јани Макрадули, замени-министерот за животна средина, во разговор за Радио Слободна Европа вели дека, со завршувањето на грејната сезона, воздухот повеќе не е загаден и според тоа, јасно е кој е изворот што ја причинува штетата.

- Активно работиме на мерките за следната сезона. На 5 мај чекаме тендер за инвертери кои ќе се постават во повеќе институции, како и филтри за помали стопански објекти и комбинати и заедно со универзитетите на Скопје и Штип преку научен пристап да создадеме мрежа за мониторинг на загадувањето. Ефектите ќе се видат во октомври, вели Макрадули.

Смета дека Фондот за животна средина е активен и дека еколошките такси се координираат со Градот Скопје.

- Заеднички настапуваме и заеднички ќе ја споделиме одговорноста - тврди тој.

Додава дека парите кои се собираат преку фискализација за еколошки намени не се 150 милиони евра за животна средина, како што се тврди во јавноста.

- Нашиот ресор има 5 милиони евра годишно за инвестиции, а вкупно 22 милиони евра за таа намена имаат сите министерства кои се грижат за животната средина - вели заменик-министерот.

Поглавјата за животна средина се мошне важни во евроинтеграциите и тие може да бидат важен критериум за прием на Македонија во ЕУ, наведе Макрадули, но вели дека  луѓето кои стекнале знаење од европските фондови заминале во приватни компании.

- РЕК Битола беше извор на штетни емисии кога дојдов како заменик-министер во Владата и немаше А-интегрирана дозвола. Затоа веднаш започнавме со усогласување на оперативниот план и во завршна фаза е усогласувањето. Тендерот за филтри од 21 милион евра е веќе готов за РЕК Битоа и немаме расејување на прашаната низ пелагонските полиња. Во тек е и процесот на десулфуризација - смета Макрадули.

Најави и дека наскоро ќе се донесе и Законот за индустриски емисии

- Факт е дека е забранет рудникот „Казандол“, кому некој претходно му дал дозвола. Наше е да го вратиме во првобитна состојба на она што му е нанесено штета и  што е направено со давањето на концесијата - изјави тој.