Македонското здравство е најнеподготвено да се справи со вонредни ситуации и епидемии, споредено со земјите од регионот

Македонското здравство е најнеподготвено да се справи со вонредни ситуации и епидемии како оваа со корона вирусот, споредено со земјите од регионот. Ова се наведува во истражувањето на Глобалниот безбедносен индекс на американскиот институт „Џон Хопкинс“ за минатата година.

Во рангирањето, регионално гледано, Словенија го предводи Балканот, и таа во светски рамки е сместена на високата 12-та позиција.

По неа следуваат Грција и Хрватска, кои се рангирани на 37-то и 38-то место. Натаму на листата земјите од регионот се подредени по следниот редослед: Албанија (39), Србија (41), Бугарија (61), Црна Гора (68) и БиХ (79). На крајот од листата, најлошо е рангирана Македонија, која е сместена на 90-та позиција од листата на американскиот институт. Тоа, практично, значи дека Македонија е најмалку подготвена и способна да одговори на какви било предизвици и опасности по здравјето на своите жители.

Во истражувањето се образложува дека податоците за анализа се добиени од интернационални институции како Светската здравствена организација (СЗО) и Светската здравствена организација за здравјето на животните и според нив е пресметано рангирањето на земјите.