Македонските родители во забуна: Што е правилно, дали да ги вакцинираат децата или не?

На социјалните медиуми и на различни форуми можат да се прочитат размислувања кои се „за“ и „против“ вакцинирањето, и речиси сите се добро издржани зошто ја застапуваат едната или другата страна. Но сепак, се поставуваат многу прашања.

Што е правилно, дали да ги вакцинираат децата или не? Дали аутизмот има некаква врска со вакцините? Дали родителите можат да си купат вакцини кои ги сметаат за поквалитетни, па да ги достават до здравствената институција?

Впечаток е дека нашите медицински лица, се за тоа, децата да се вакцинираат. Според нив, многу тешки детски болести се искоренети токму благодарение на вакцините. Доколку се престане со имунизација, постои ризик истите повторно да се појават.

Во однос на поврзаноста меѓу аутизмот и вакцинацијата, стручно, не можат да најдат никаква поврзаност меѓу вакцините и појавата на аутизмот. Според нив, кај детето мора да постои генетска предиспозиција за аутизмот, вакцината сама по себе не може да биде причинител за оваа болест.