Македонските компании ќе можат да ја користат само придавката „македонски“, не и „Македонија„

Не е дијалог меѓу државите, тоа е дијалог меѓу бизнис заедниците и затоа очекуваме во следниот период, следната седмица или таа по неа, да започне бизнис дијалогот меѓу двете страни, чија координација, од грчка страна ја има Централната унија на комори, Федерацијата на индустрии на Грција и Здружението на грчки извозници, рекол Генералниот секретар за меѓународни економски односи во грчкото МНР, Јанис Брахос на одржаната прес конференција во Солун, по средбата со државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Брахос истакнал дека преку оваа средба што била во многу добра клима, но и преку другите средби што ќе следат, „се спроведува обврзувањето на двајцата премиери за почеток на дијалог за трговските ознаки“.

Генералниот секретар во грчкото МНР изразил увереност дека овие разговори набргу ќе донесат резултат и за да се надминат политичките дискусии кои доста често ја „заматуваат“ реалноста.

-Господинот Брахос, појасни, меѓу другото, дека „терминот Македонија, не може да се користи од компании во соседната земја, може да се користи придавката“ и ја истакна потребата да се направи „централно разграничување меѓу географските ознаки и имиња“, пишува грчката новинска агенција, јави дописничката на МИА од Атина.

Брахос објаснил дека „на пријателите од север“ им објасниле дека „насоката на разговорите е заснована на европското право и на неопходната адаптација кон него, а ова секако се однесува и на географските ознаки“.

-Од страна на Северна Македонија, рамката што ја разгледуваат како трета земја е рамката на WIPO (СОИС), на меѓународната организација, но е точна и треба да имаме на ум дека статусот за почеток на преговорите за земјата и постоечкиот договор за асоцијација помеѓу Северна Македонија и Европската унија бара од нив целосно да го интегрираат европскиот закон.

Според тоа, дури и ако постојат различни толкувања, она што преовладува во Европа е на европското право, кое јасно е во иста насока и со меѓународното право, рекол Брахос според АНА-МПА, одговарајќи на прашањето за тоа каква била позицијата на другата страна во разговорите.

За експертската група, Генералниот секретар во грчкото МНР рекол дека ќе биде составена од пет членови од Грција, пет од Северна Македонија, но и од меѓународните организации за интелектуална сопственост.

Во однос на временскиот рок за финализирање на разговорите, Генералниот секретар на грчкото МНР рекол дека Договорот од Преспа предвидува период од најмногу три години и додал дека ќе се интензивираат активностите за бизнисмените да се информираат за договорот.

На прес-конференцијата присуствувал и претседателот на адвокатските здруженија од Солун и потпретседател на експертската група за трговските ознаки, Евстатиос Куцохинас, кој рекол дека вчерашниот состанок бил „прва средба за запознавање“ на која грчката страна ги поставила основните оски на движење, со главен критериум европското прво и во однос на трговските ознаки и во однос на другите права,

-Оттука, повеќе ќе се специјализираат оние работи што беа дискутирани денес и ќе се следат и други средби на двете комисии во целосен состав, рекол Куцохинас на вчерашната прес конференција во Солун, според АНА-МПА.

Државниот секретар во МНР на Република Северна Македонија, Виктор Димовски и генералниот секретар за меѓународни економски односи во МНР на Грција, Јанис Брахос по вчерашната нивна средба во Солун, излегоа со заедничка изјава.

-Иницирајќи ја Меѓународната група на експерти меѓу Република Северна Македонија и Грција за имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитните знаци, донесовме заклучок и ги поставивме политичките основи за одржување на првата пленарна седница на Групата во јуни, велат во заедничката изјава.

Во овој контекст, биле потпишани и упатени писма до Заводот за интелектуална сопственост на Европската Унија (ЕУИПО) и Светската организација за интелектуална сопственост (СОИС) со кои биле поканети да номинираат експерти кои ќе ја советуваат Меѓународната група на ад-хок основа.

-Ваквиот цврст чекор кој е неразделно поврзан со институционализираниот дијалог меѓу деловните заедници на нашите две земји претставува опиплив доказ за нашата целосна посветеност на Преспанскиот договор, како и за нашите продолжени напори во насока на продлабочување на соработката во интерес како на развојот на билатералните односи, така и на регионот во целост, се вели во заедничката изјава на Државниот секретар во МНР на Република Северна Македонија, Виктор Димовски и генералниот секретар за меѓународни економски односи во МНР на Грција, Јанис Брахос.