Македонските царинарници со полни раце работа – голема заплена на граничните премини

Во текот на минатата недела царината откри неколку обиди за шверцување разна стока, при што привремено се задржани цигари, домашна ракија, кожени јакни, бунди од природно крзно, облека и фалсификати.

Исто така откриени се 61 штека цигари, со македонски акцизни маркички, при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Делчево. Непријавените цигари, пронајдени во најлонски кеси, сокриени под крветот во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Од страна на царински тим од царинарница Куманово откриени се 4 литри домашна ракија при извршена контрола на трговски објект во Куманово. Алкохолниот пијалак пронајден во фрижидер и под шанкот на трговскиот објект, против правното лице и одговорното лице се изготвени мандатни платни налози и е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

При контрола на полски автобус, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица откриени се 18 женски и машки јакни од кожа и бунди и елеци од природно крзно. Непријавените производи пронајдени во две торби сместени во преградата за алат во багажниот простор, против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

При контрола на стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Тетово, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 1 откриени се 14.881 текстилни производи (чорапи и долна облека). Покрај тоа биле откриени и 105 парчиња облека (кошули и блузи) со ознаки на заштитени трговски марки, за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. За непријавените производи, против увозникот е поведена прекршочна постапка, додека за сомнителните производи е поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност. Сите производи се привремено задржани.