Македонскиот филм “Види ја ти неа” на најпрестижниот фестивал во Франција

По селекцијата во Интернационалната компетиција на Филмскиот Фестивал во Санденс, кратометражниот игран филм “Види ја ти неа” во режија на Горан Столевски влезе и во официјалната програма на најпрестижниот фестивал на светско ниво посветен на краткиот филм кој веќе четириесет години се одржува во Клермон – Феран во Франција.

Тој е и единствениот од А-категорија, специјализиран за краток филм, според ФИАПФ – Интернационалната Федерација на Асоцијации на Филмски Продуценти овластена за категоризација на фестивалите.

Клермон – Феран е најголемиот и најважен специјализран фестивал за краток игран филм, во смисла на посетеност и присуство на професионалци од сите страни на светот, но пред се од аспект на квалитет и значајност. На овој фестивал се откриени многу талентирани режисерски имиња, кои подоцна изградиле успешна филмска кариера. Токму затоа ова е огромен успех за “Види ја ти неа”, кој се вброи меѓу 73-те наслови во интернационалната компетиција, селектирани од вкупно 8.696 пријавени кратки филмови.

“Види ја ти неа” ќе има осум проекции во рамките на 40. Клермон – Феран ИФКФ, кој ќе се одржи во периодот од 2 до 10 февруари 2018.