Македонскиот документарен филм „Honeyland“ награден на Сараевскиот филмски фестивал

Македонските автори Љубо Стефанов и Тамара Котевска го презентираа нивниот последен проект „Honeyland” („Медена земја“) на CineLink Work-in-Progress настанот, во рамки на овогодинешниот Сараевски филмски фестивал и ја освоија највредната парична награда на фестивалот, наградата на Турската национална телевизија во висина од 30.000 евра.

Снимањето на документарниот филм почна во 2015 година во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка. Главната идеја на документарниот филм е да се прикаже припадноста на човекот кон природата преку посебноста на односот кој тој го има кон неа и нарушување на тој природен баланс преку судирот на два различни начини на искористување на природните ресурси. Филмот се наоѓа во фаза на пост продукција и финансиски е поддржан од страна на Програмата за зачувување на природата во Македонија. Дополнително поднесена е и апликација до Агенцијата за филм на Република Македонија за обезбедување средства за довршување на филмот.

Режисери се Љубо Стефанов и Тамара Котевска, музиката е на Фолтин, а продуценти се Љубо Стефанов и Атанас Георгиев.