Македонски тренер обвинет за обљуба врз 13-годишно девојче во Белград

Затворска казна со траење од три до 12 години му се заканува на Златко Богатиновски, 57-годишен македонски тренер за карате, кој работел во Белград, пишуваат српски медиуми. Тој е во притвор, Јавното обвинителство во Белград покренало обвинение против него за обљуба на 13-годишно девојче кое го тренирал. Информацијата за покренатото обвинение ја потврдила и портпаролката на белградското јавно обвинителство, Тања Секулиќ.

Обвинението е поднесено во Вишиот суд, кој треба да ја потврди, а потоа одбраната на Богатиновски ќе може да поднесе жалба во Апелацискиот суд во Белград.

Богатиновски е притвор од мај оваа година, откако мајката на девојчето поднела кривична пријава против него, за обљуба врз нејзината малолетна ќерка. Таа се посомневала дека нешто се случува меѓу девојчето и тренерот откако во мобилниот на нејзината ќерка видела пораки и фотографии со експлицитна содржина, а кои биле разменувани со Богатиновски.

Мајката тврдела дека според пораки имало и сексуален однос меѓу Богатиновски и девојчето.

Сепак, Богатиновски, преку неговиот адвокат, Божо Пелевиќ, тврдел дека се работи за местенка и дека немал никакви сексуални односи со девојчето

Како што веќе објавија српски медиуми, адвокатот открил дека всушност мајката на девојчето била прво во врска со Богатиновски. Таа врска завршила неславно. Сепак, после некое време од мобилниот на мајката почнале да пристигнуваат пораки до тренерот, кои биле со експлицитна содржина.

Според адвокатот на Богатиновски, тој прво мислел дека мајката се допишува со него. Но, потоа увидел дека е тоа девојчето. Сепак, според објавата на српските медиуми, иако знаел дека девојчето му пишува, тренерот ја продолжил комуникацијата. Сепак, според неговото тврдење, не дошло до сексуален однос меѓу нив.