Македонски планинари низ густа магла и снег се искачија на врвот Руен

Група планинари од Скопје, но и од други градови од земјава, вчера се искачија по најголемиот снег на врвот Руен, на 2.252 метра надморска висина на Осоговските Планини.

Искачувањето до врвот Руен спаѓа во средните тури на искачување за планинарските друштва, но овој пат снегот, кој постојано паѓаше, како и силниот ветер и маглата, ги отежнале условите и патеката на искачување ја направиле потешка. Сепак, и во зимски услови, кога проодот е потежок и искачувањето напорно, планинарите успеаја да стигнат до врвот.

„Оваа тура е традиционална и е во пресрет на зимата. Се качувавме подолго од вообичаеното поради временските услови. Вееше ветер, падна густа магла, имаше многу снег и сето ова прави проблеми. Но, сепак, ние бевме упорни и успавме да дојдеме до врвот, а попатно и се смеевме и се фотографиравме“, раскажува Александар Богдановски од планинарското друштво „Петрикор“ од Скопје.

Турата ја организирало планинарското друштво „Калин камен“ од Крива Паланка, а тука биле и планинари од „Грин пауер“ од Велес, „Турни ме да кинисам“ од Битола и гости од Србија.

Турата ја предводеле обучени водичи и еден од најстарите планинари во земјата, кој во планинарските друштва е познат како чичко Столе.