Македонски јазик во срцето на Турција (ФОТО/АУДИО)

Жителите на селото Мустафапаша велат дека го зборуваат македонскиот јазик затоа што им е полесен од турскиот, но и бидејќи е дел од традицијата што ја наследиле од своите предци, кои пред еден век ги напуштиле огништата во Костурско и пристигнале во Кападокија.

Пред портите на домот на семејството Ак нè пречекаа со зборовите „добредојдовте“, со широки прегратки, но и со солзите на баба Какуш (87), најстарата жителка на селото Мустафапаша во Кападокија, каде што се зборува македонскиот јазик. Старицата најмногу од сите беше радосна што на гости ѝ дошле, како што рече, наши луѓе, пишува Телеграф.

- За три години ќе се сторат 100 години откако моите дојдоа од Жервени - вели баба Какуш.

Иако е родена во селото и никогаш не била во родниот крај на родителите, таа од нив го научила јазикот и го пренела на своите, како што таа ни рече, чупиња.

Приказната на нашите домаќини започнува во 1924 година кога според Лозанскиот договор за размена на население, турското население од Грција мигрирало во Турција. Кога новите жители на селото Мустафапаша, кое пред еден век било познато како Синасос (Градот на Сонцето), пристигале во селото, се вселиле во куќите кои претходно ги поседувале православните жители. Но, бидејќи слабо го познавале турскиот јазик, продолжиле да комуницираат на македонски јазик, традиција која опстојува веќе три генерации.

- Македонски зборуваме со старите по дома, младите не знаат многу - ни рече ќерката на баба Какуш, која покрај одличното владеење на јазикот, пријатно нè изненади со богатата трпеза. За гостите од Македонија таа ги приготви за нас добро познатите: пита, раванија  и гурабии, при што од повозрасните често можевме да ги слушнеме коментарите: „Јадете деца“.