Македонски фанови им помагаат на Англичани да се сместат бесплатно во Скопје

Еден куп навивачи од Англија останаа без сместување откако им беше откажан од страна на самите хотели или приватни изнајмувачи. Голема група на навивачи од Словенија ја имаат истата судбина каде резервации направени пред подолг период, пред некој ден без објаснување им се откажани.

Фан клубот на Манчестер Јунајтед во Македонија се солидаризира со навивачите од странство кои не можат да најдат сместување во Скопје или пак, нивните хотелски резервации биле изненадно откажани, пренесува Фактор.

- Поради тоа што живееме во прилично мизерно општество кое сака да заработи брзи и лесни пари соочени сме со голем проблем кој ги засега сите странски фанови на Манчестер Јунајтед кои сакаат да допатуваат за Супер Купот.

Се работи за тотално неоправдано откажување на резервациите за сместување, уредно направени во нашите хотели, хостели и слични угостителски објекти (тука спаѓаат и приватните изнајмители на сместувања) со само една цел, да останат собите слободни и да бидат потоа понудени со ДАЛЕКУ ПОВИСОКА цена.

Дел од нив веќе се снајдоа и ќе спијат во Софија, дел во Белград, дел во Грција, а ќе дојдат само за натпреварот. Во градов не им се стапнува повеќе, се вели во објавата на фан клубот на Манчестер Јунајтед од Македонија.

Повикот на навивачите веќе вроди со плод па така голем број на луѓе се понудија бесплатно да сместат странски гости во своите домови за да им овозможат на навивачите на Манчестер да го проследат Супер купот во Скопје против Реал Мадрид.